Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за можноста за отворање пристапни преговори со ЕУ оваа пролет.
„Мислам дека е тешко да се замисли Европа да си замисли една ваква констелација кадешто имате готов успех, или еве ја гранката, тука може да се скине плодот, да го пропушти тоа. Нема да има успешен самит во мај ако нема пробив пред самитот. Тоа е невозможно. Исто е и со методологијата. Кога веќе излегувате со предлог методологија, ако не сте умерени барем во една извесна мера дека тоа ќе функционира и ќе успее, тоа исто би било неверојатна катастрофа, ако ова сега се подрастури во процесот. Така што пред нас си се редат елементите коишто водат кон тој двоен успех“,
вели Димитров.
Во однос на новата методологија, Димитров вели дека првите одгласи од Париз се позитивни и дека се чини дека тоа овозможува Франција да се вклучи во процесот на одлучување.
За Холандија и Данска, кои покажуваа воздржаност, најмногу за Албанија и што би се случило доколку повторно се инсистира на одење на двете земји во пакет, Димитров вели дека има три елементи кои се важни.
„Имаме една констелација на политичка атмосфера ако Франција е против, имаме друга ако Франција влегува и е поотворена за ова да успее, и методологијата и одлуката конечно да влеземе во пристапни преговори. Вториот елемент е новата методологија којашто е подобра за добрите ученици, а полоша за лошите ученици, бидејќи има повеќе бенефиции, дозволува предвремена политичка интеграција уште пред земјата да стане членка, ако оди добро со реформите и повеќе фондови и награди ако има успех во реформскиот дел“,
вели Димитров.
Димитров вели дека важно е што новата методологија им дава повеќе контрола на земјите членки.
„Ако одат работите лошо, како што кај нас тргнаа 2015-2016, може не само да се стопира процесот, туку и да се врати назад, може дури и да се ресетира. Па има и механизам како – може комисијата да предложи, а и една земја членка. Јас мислам дека ние нема од што да се плашиме, бидејќи идејата, се разбира, не е да влеземе во овој процес за да одиме назад, туку да одиме напред. Ама таа нова методологија олеснува на скептичните земји бидејќи им дава повеќе влијание во процесот“,
вели Димитров.