Наташа Димитриевска, сопругата на загинатиот Гоце во сообраќајката кај „Млечниот ресторан“ во Скопје во септември 2018 година, ја поднесе најавуваната претставка до Судскиот совет за судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ, која во петокот досуди условна казна за обвинетиот Васил Чорбаџиев.
Димитриевска, која и самата заврши со тешки телесни повреди и го загуби плодот, пред новинарите денеска зборуваше зошто смета дека не само судијката туку и обвинителката што го водела случајот била пристрасна.
Првиот аргумент зошто судијката била пристрасна, според неа, е тоа што ја отстранила од судницата кога обвинетиот се произнесувал за вина и го признал делото.
„Лично, не знаев што е преземено на таа расправа. Сфатив дека е дадено признание од завршниот збор на обвинителката, која исто така беше пристрасна затоа што во нејзиното излагање најпрвин се произнесе дека на Васил Чорбаџиев му било многу тешко по однос на последиците што ги предизвикал и дека има огромно каење, но бара за тоа да биде прогласен за виновен. Во моето излагање во завршниот збор јасно му укажав на судот дека не треба да го земе предвид каењето и признавањето вина затоа што за тоа да се смета како олеснителна околност треба да биде дадено на мене како самооштетена поради загубата на плодот или на членовите на нашето семејство. Укажав дека во најтешките моменти кога е случена сообраќајната несреќа и додека чекаме амбулантно возило Васил не пријде до мене ниту до Гоце за да пружи најмала помош, за разлика од сите хумани луѓе кои се најдоа случајно тука. За разлика од нив, Васил бараше телефонска помош и не можеше да издвои време барем да повика Брза помош“,
рече Димитриевска.
По сообраќајката, рече таа, три недели се лекувала во Клиничкиот центар, а ниту обвинетиот ниту некој член на неговото семејство отишол да покаже каење или да изрази сочувство кон неа или кон семејствата. Последиците и тешкото закрепнување, реагира оштетената, немале никакво значење за судот.
„Ако Васил Чорбаџиев чувствуваше каење и жалење, ќе дојдеше да си ја слушне казната при објавата на пресудата, а ќе дојдеше и Обвинителството“,
рече Димитриевска.
Таа за неделава најави уште една претставка, но до Јавното обвинителство за надлежната обвинителка. Првата нејзина забелешка е што постапката се водела предолго, се случила во септември 2018, а обвинение е поднесено дури во февруари 2020.
Останатите забелешки се квалификацијата на делото, односно тоа што обвинителката навела дека тоа е сторено од небрежност.
„ОЈО Скопје го гони обвинетиот дека делото го сторил од небрежност, но не може да се смета дека станува збор за небрежност. Сега, доаѓајќи кон Судскиот совет, поминав по истата улицата каде што се случи несреќата и јасно се забележува знакот дека на тие семафори не смее да се врти налево. Има знак и има две дупли линии каде што е забрането вртење налево. Доколку анализирале и Обвинителството и Судот по однос на оваа околност, би утврдиле дека Васил Чорбаџиев живее во таа населба, секојдневно поминува на таа улица и знаел дека не смее да врти налево. Тоа не може да биде небрежност, затоа што е умисла“,
вели оштетената.
Третата околност на која таа ѝ забележува на обвинителката е што не ги прибавила сите документи од Клиниката, односно дека го загубила плодот. Вели, во доказите имало само документи дека имала уредна бременост. Среќа, според неа, е тоа што нејзиниот адвокат на денот на судењето ги обезбедил од Клиниката за гинекологија и ги доставил на рочиштето.
Таа пред новинарите ги спомена и коментарите дека возеле пребргу, па порача дека тоа не е точно, а упати порака и до политичарите.
„По однос на коментарите што се појавија на социјалните мрежи дека сме возеле со преголема брзина, тоа не е точно, и од Васил Чорбаџиев и од наша страна е возено во рамките на дозволеното и нема повисока брзина од она што е дозволено во јавен сообраќај. Упатувам молба до сите, оваа наша трагедија да не се претвори во политичка игра и добивање политички поени, туку секој што може да ни помогне, а целта е казната на секој од сторителите на кривични дела, не само за Чорбаџиев туку на секој”,
порача Наташа.
Најмалата сатисфакција за неа и семејството, како што вели, би била затворска, а не условна казна. Во врска со нејзината денешна претставка, од Судскиот совет најавуваат дека ќе ја разгледуваат на првата наредна седница следната недела.