Димитар Бечев, предавач на Универзитетот во Оксфорд и член на БИЕПАГ (The Balkans in Europe Policy Advisory Group), во интервју за 360° анализира дека македонско-бугарските разговори се во клучна, критична фаза и дека се брка јунскиот самит на ЕУ. Бечев, кој е одличен познавач на регионалните сосотојби, вели дека за можниот договор владата на Петков ќе плати одредена цена, но таа нема да биде загуба на власта. За руската мрежа која работи против добрите односи меѓу Скопје и Софија, Бечев вели дека отсекогаш постоела и дека таа структура потенцијално би се искористила како оправдување за отстапките кои би ги презела бугарската страна, пред се, во делот на македонскиот јазик
360°: Г-дине Бечев, дали го делите впечатокот дека преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија се во деликатна, можеби, решавачка фаза?
Димитар Бечев: „Немам некоја особена информација одвнатре во владата што се случува, но ми се чини дека разговорите се во завршна фаза бидејќи Самитот на ЕУ во јуни е граница и тоа е некој термин кој мислам треба да се стигне. Затоа мислам дека можеби се е во завршна фаза. Искрено се надевам дека е така.“
360°: Од изјавите на премиерот Кирил Петков може да се препознае подготвеност за симнување на ветото за Северна Македонија. Ќе успее ли тој во тоа да ги убеди своите коалициски партнери и претседателот Радев?
Димитар Бечев: „Мислам дека има само еден партнер кој е против тоа – се работи за Бугарската социјалистичка партија (БСП). Што се однесува до другите партнери, да кажеме Коалицијата Демократска Бугарија која е дел од владата – тие се убедени, нема потреба кај нив да се лобира и сега можеби е прашање партијата на Слави Трифонов. Но, очекувам дека тие ќе направат некакво поврзување со други прашања кои се на владината агенда – треба да се избере нов гувернер на Централната банка и сигурно дека ќе има такви, да речеме, зделки. Но, како ќе биде со БСП немам некоја претстава… Сепак треба да имаме предвид дека БСП би загубила на нови избори, партијата нема енергија, нема средства, нема поддршка. Така што, мислам дека тие повеќе сакаат да останат во владата и можеби ќе нема некоја негативна реакција, можеби коалицијата нема да се распадне поради Македонија. Тоа е моето очекување.“

360°: Која тема или теми, според вас, се најважни за бугарската страна за да има договор со Северна Македонија?
Димитар Бечев: „Тука веќе е деликатната фаза и немаме информации одвнатре, од „кујната“ на преговорите. Сигурно мора да има напредок во економските односи, тоа не е контроверзна тема. Мислам дека бугарската страна ќе очекува некакви отстапки од премиерот Ковачевски во смисла на ревизија на Уставот или барем почеток на таков процес, што не едноставно – има многу причини за тоа. Но, дури и некој симболичен чин дека има политичка волја во Македонија, покрај постоечкиот процес, можеби ќе биде добро, судејќи според изјавите на Петков.“
360°: Дали е реално да се очекува компромисот да се бара во рамките на чиста формулација за именување на македонскиот јазик и вметнување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија?
Димитар Бечев: „Е тоа е веќе интересно, како ќе течат преговорите и за тоа да збориме со некој кој е во процесот. Претпоставувам дека прашањето за јазикот ќе биде некој компромис како што беше случајот во 1999 година. Можеби Бугарија ќе го симне ветото – ќе се прифати формулата дека и на европско ниво Бугарија ќе продолжи да ја користи таа формулација – уставен јазик. Но, тоа не е едноставна работа и треба да биде дел од пакетот отстапки од двете страни и тука е неоходна силна дипломатска вештина од двете страни. Претпоставувам дека и прашањето за јазикот ќе биде дел од можниот компромис.“
360°: Што мислите вие за наводите на Кирил Петков и неговите соработници дека руска агентура работела против добри односи меѓу Софија и Скопје?
Димитар Бечев: „Па тоа тврдење сигурно „држи вода“, тие мрежи не се од вчера, секогаш делувале и не само за темата Македонија, односно за македонско-бугарските односи… Еве гледаме и за темата за давање оружје на Украина. Но, тие не се 100 процентна причина зошто Бугарија го стави ветото. Има и политички причини и за тоа не се виновни само руските агенти. Се надевам дека сепак, погенерално гледајќи ја ситуацијата во Европа и војната во Украина, бугарската власт и лично премиерот Петков ќе пројави мудрост и ќе го симне ветото. Тоа е во интерес не само на Бугарија и на Северна Македонија, туку и на Европа. Таа мрежа на руски агенти ќе биде само оправдување да се направи таква радикална отстапка која можеби ќе предизвика некакви негативни реакции во Софија, но на долг рок би била вистинскиот чекор во интерес на двете земји.“
360°: Сепак, и покрај се, вие сепак дали останувате оптимист дека до јуни е можна деблокада?
Димитар Бечев: „Па, изјавите на владата во Бугарија, а уверен сум дека и лично Петков има волја да го реши прашањето, од друга страна и француското претседавање со Советот на ЕУ има такви намери, и трето генералната геополитичка ситуација која наметнува да се има решение за Балканот бидејќи овде имаме предизвици за стабилноста на регионот… Оттука мислам дека има шанса, а дали е тоа 100 процентна шанса, мислам не и ќе биде жано да пропушти. Но, можеби сега е моментот, со Ковачевски и со Петков да се направи тој компромис. Добро, ќе има некаква политичка цена во Бугарија и ќе има негативна реакција, но тоа нема да ја урне владата. Петков ќе опстане, ќе остане на власт.“