Наместо директен одговор, министерот за внатрешни работи рече дека полицијата ќе проверува информации за околу 500 функционери, дел од минатото, дел од сегашноста. Дообјасни дека ќе се проверуваат не само сертификати за познавање на јазик, туку „докази што не соодвествуваат со потребни законски процедури“
На дополнителното прашање, дали меѓу документите за проверка на тие 500 фунционери е и ТОЕФЛ-сертификатот на шефот на АНБ, Бојан Христовски, обезбеден од компанијата „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија, Тошковски одговори дека „ќе постапува како што постапува и во изминатиот период, професионално и неселективно“
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не даде дециден одговор дали полицијата ќе ја истражи валидноста на ТОЕФЛ-сертификатот на неодамна избраниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски. Шефот на АНБ во својата биографија навел дека положил ТОЕФЛ-испит за англиски јазик во Пловдив, Бугарија, во училиштето „Јулија Ко.“ во 2022 година. Истата година, во истото училиште, тврделе дека добила сертификат директорка на училиште и директорка на болница, кои месецов на суд признаа и се осудени дека сертификатите им биле фалсификат.
Бидејќи случајот со двете директорки заврши на суд по кривична пријава на Министерството за внатрешни работи и тоа под раководна палка на Панче Тошковски, го прашавме министерот – дали ќе го провери сертификатот и на Христовски. Не одговори децидно, туку кажа дека ќе се проверуваат документи на околу 500 функционери – и сегашни и бивши.
Тошковски: Ви благодарам на прашањато. Ова е една од темите што во јавност е повеќе од десет дена. Да, МВР во рамки на своите дејствија согласно закон, ќе ги провери досега добиени информации за едно 500 функционери кои во минатото и дел во сегашноста, а за кои постојат индиции дека сториле нешто коешто нели цениме дека не е во согласност со законските одредби.
360: Во смисла на сертификат за јазик?
Тошковски: Во смисла на соодветни докази што не соодвествуваат со потребни законски процедури утврдени согласно закон.
360: Дали ова значи дека меѓу тие 500 е и сертификатот на Бојан Христовски и дали ќе го проверите?
Тошковски: Министерството ќе постапува како што постапува и во изминатиот период, професионално и неселективно за сите оние за кои постојат индиции дека сториле или не сториле во рамки на законски прописи она што требало или не требало да го сторат.
Во продолжение на нашите прашања, побаравме и мислење од министерот – дали смета дека шефот на АНБ треба да си поднесе оставка. Еве што ни одговори Панче Тошковски.
Тошковски: Во изминатиот период од страна на Министерството за внатрешни работи се преземени одредени процесни дејствија во неколку постапки. Тие процесни дејствија во неколку постапки следеле како завршно дејствие на претходни предистражни дејствија кои сигурно траеле повеќе од 10 дена. Така да одговорам. Така да сметам дека она што е во рамки на наша надлежност, ние ќе постапиме така како што треба да постапиме.
360: Кое е вашето лично мислење. Дали таков функционер, во вакви околности, треба да си поднесе оставка?
Тошковски: Апсолутно не сметам дека било кој треба да преземе било што, а што е надвор од она за што самиот смета или не смета дека треба да го стори. Би ве замолил прашањето дали смета или не смета до него да го поставите. Од позиција на министер за внатрешни работи сметам дека не треба да навлегувам во тој дел од аспект на она што ми ги поставивте за прашање.
Претходно денеска „360 степени“ објави дека според јавно достапните документи на официјалната веб-страница на Трговскиот регистар на Бугарија, компанијата „Јулија КО“, каде што директорот на АНБ, Бојан Христовски, тврди дека полагал и добил ТОЕФЛ-сертификат во 2022 година, нема никакви приходи од 2017 година наваму. Ако спроведувала тестирање и издавала ТОЕФЛ-сертификати во 2022 г., „Јулија КО“ ќе морала да пријави приходи.
Дополнително, фирмата „Јулија КО“ не е на списокот на компании кои според упатството на Агенцијата за администрација од 2019 г. се посочени како центри во кои може да се полага ТОЕФЛ-тест во соседството. Директорот на АНБ, во интервју за „360 степени“, кога тврдеше дека ги исполнува условите, се повика и на „документ од 2019 година“, издаден од претходната власт, а кој покажувал кој вид на тест и во кој град може да се полага за да се докаже познавање на англиски јазик. Во документот на Агенцијата за администрација е наведено друго училиште во Пловдив во кое може да се полага ТОЕФЛ-тест – „Класик“.