Немаат крај скандалите во Министерството за внатрешни работи од чиј буџет се испумпуваат милиони евра за набавка на храна за потребите на полициските службеници, обвини на денешната прес-конференција Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ. По вчерашната објава за тендерот за набавка на храна во МВР, Чулев денеска презентираше фотографии на кои рече дека се гледа актуелниот министер Оливер Спасовски кој присуствувал на отворањето на компанијата која го добила тендерот.
„Индустри сервис со добивање на двата тендери од МВР на Спасовски за Центарот за обука во Идризово и полицискиот центар во Ѓорче Петров станува една од фирмите преку која се одлеваат најмногу буџетски пари од ова министерство, вкупно од речиси фантастични 13 милиони евра според овие два договори. Уште посимптоматично е што токму Оливер Спасовски, кој е министер во МВР, институција која ги прави двете набавки бил на поставување на камен темелник на фабриката на Индустри сервис во Гази Баба пред неколку години. Ова е фотографија од која се гледа Спасовски во друштво на сопственикот на фирмата Индустри сервис Драган Смилковски. А на поставувањето на камен темелник на фабриката во Гази Баба е речиси цела влада на СДС и други функционери.“
обвини Чулев.
Чулев го објави договорот од склучената набавка и додаде дека според проценките и анализите на луѓе кои долги години работат во секторот угостителство и јавни набавки се дека ваквиот начин на набавка на храна во Министерството за внатрешни работи, ќе ја чини оваа институција многу повеќе пари, во споредба со досегашното подготвување на храната во сопствените кујни и со сопствен персонал на МВР.
„Полициските службеници од Министерството за внатрешни работи, во изминатиот период сведочат дека добиваат храна која е далеку од стандардите за човечка исхрана. Токму поради ова, на крајот го поставуваме прашањето, дали раководството на МВР во изминатиот период свесно го рушело системот на подготовка на храната, за да отвори простор и на мала врата овој бонбона бизнис од речиси 13 милиони евра да го даде на компанија, која според фотографиите се гледа дека е блиска до раководството на МВР односно Оливер Спасовски и политичката партија на власт“
кажа поранешниот технички министер за внатрешни работи.

Вчера од МВР ги демантираа обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека нема злоупотреби во јавната набавка. Тендерот како што рекоа од МВР е за подобрување на исхраната и набавка на кујнска опрема во повеќе објекти на полицијата.