Во Софија во последните два и пол месеци секојдневно се одржуваат протести против корупција и во нив учествуваат луѓе од различни сфери и политички определби, кои бараат оставка од Владата и „живот според европските стандарди“
Околу 10 000 луѓе вчера учествуваа на антивладините протести во Софија, кои речиси три месеци се одржуваат во Бугарија.
На Денот на независноста тие побараа „независност од мафијата“ и оставка на Владата која ја обвинуваат за поврзаност со олигарсите.
На антивладини протести во повеќе градови се собраа по неколку илјади луѓе, а во Велико Трново демонстрантите извикуваа „оставка“ за време на говорот на спикерката на парламентот, Цвета Карајанчева, по повод националниот празник.
„Оставка“ и „мафија“ скандираа и демонстрантите во Софија.
Зградата на парламентот вчера ја чуваа три полициски кордони врз кои демонстрантите фрлаа петарди и шишиња.
Во Софија во последните два и пол месеци секојдневно се одржуваат протести против корупција и во нив учествуваат луѓе од различни сфери и политички определби, кои бараат „живот според европските стандарди“.
Тие почнаа откако главниот обвинител Иван Гешев нареди претрес на кабинетот на претседателот Румен Радев и апсење на двајца негови соработници.
На власт речиси една деценија е десноцентристичкиот премиер Бојко Борисов, чиј мандат истекува во март следната година. Тој одби да поднесе оставка со изговор дека е загрижен за стабилноста на земјата во контекст на здравствената криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот.
Тој на својот профил на Фејсбук напиша дека успехот доаѓа преку дијалог, а не се конфронтација.
Бугарскиот претседател Румен Радев, близок до опозициските социјалисти, им го честиташе Денот на независноста на „разбудените граѓани кои укажуваат на моралното пропаѓање“.