Организацијата „Outdoor Adventure Macedonia“ работи на популаризација на Бислимска Клисура со развој на активен туризам – спортско качување, кајакарење и велосипедизам
Сакаме луѓето да си заминат задоволни, исполнети со енергија, а не со алкохол, вели Стојан Хаџиефтимов објаснувајќи ја разликата меѓу активен и „кафеански“ туризам
Бислимска Клисура – фасцинантна творба на природата по дел од течението на реката Пчиња, која сѐ уште важи за неоткриен предел. Жителите на блиското село Пчиња, местото едноставно го нарекуваат Бислим, што е нивна асоцијација за мистериозен простор каде што ретко кој поминува. Долината, поради уникатните карактеристики, има многу можности за активности во природа.
На мапата Бислимската Клисура се наоѓа во Североисточна Македонија. Од центарот на Куманово е оддалечена околу десет километри. Долга е седум километри, од атарот на селото Доброшане до селото Пчиња.
„Тука се наоѓаме на нешто над 200 метри надморска висина, значи е доста ниско и затоа е толку топло и може да има активности преку целата година. Дали качување карпи, дали кајакарење, дали планински велосипедизам. Бислимска Клисура е прекрасна“,
вели Стојан Хаџиефтимов – менаџер на „Outdoor Adventure Macedonia“.
Организацијата „Outdoor Adventure Macedonia“ работи на популаризација на местото со развој на активен туризам. Располагаат со кајаци, велосипеди и опрема за спортско качување по карпи. Секој со својата задача и реквизити се упатува кон реката, карпите и велосипедските патеки за да им овозможи на посетителите да ги искусат адреналинските спортови.
„За разлика од другите места коишто се поатрактивни, Бислимска Клисура сега ја промовираме и сакаме да стане следна атрактивна туристичка дестинација за авантуристички, активен туризам“,
додава Хаџиефтимов.
На некои места речната долина е длабоко всечена како клисура, а карпите од двете страни се издигнуваат и до 200 метри височина. Тие се идеални за спортско качување. На само десетина минути пеш од селото се омилените карпи на качувачите. Овде природата создала терен и за почетници и за професионалци. Имаат инструктори за оние што прв пат ќе пробаат да ги освојат врвовите. Користат специјална опрема за безбедно практикување на овој спорт. Искусните качувачи со леснотија го достигнаа врвот на карпата наречена Мајчина душица.
„Идејата беше целиот овој природен потенцијал да се искористи и да се направи едно унифицирано место каде што секој љубител на авантура би можел да дојде и да ужива во потенцијалот што се нуди. Што се однесува до спортско-качувачкиот дел, можам слободно да кажам дека ова е еден од најдобрите спортско-качувачки предели во Македонија, затоа што пристапот до него е многу лесен, пејзажот околу карпите е многу убав за гледање и местово е идеално како за почетници, така и за врвни качувачи“,
вели Ване Наунов – генерален секретар на Македонската качувачка федерација.
Реката Пчиња, пак, e привлечна за љубителите на водените спортови. Помеѓу брзаците има делови со мирен тек идеални за кајакарење на мирни води. Ова се специјални кајаци наменети за тој спорт. Двајца инструктори се тука за да ги воведат заинтересираните во кајакарењето. И овде безбедноста на посетителите е на прво место. По облекувањето на опремата и насоките од инструкторите, може да се заплови по Пчиња.
„По самата должина во овој дел од Бислимската Клисура коритото е многу помирно за разлика од другите пресеци каде што има и брзаци, така што, овој дел овде е доста пријатен и има услови за кајакарење. Овие кајаци се одлична конструкција, направени за ваков тип на, да ги наречам, мирни води, каде што сепак има некое струење, но е прилично лесно за обичен рекреативец да може да ги контролира“,
вели Даниел Трбогазов – професор по физичка и здравствена култура.
Ако немате велосипед за планински велосипедизам, ќе добиете во селото. Бислимска Клисура има многу патеки за возење со различна тежина. Онаа покрај реката е рекреативна, а има и потешки по стрмните падини. Љубител на адреналински спортови е и швајцарската амбасадорка во Македонија, Сибил Зутер Техада. Таа заедно со градоначалникот на Куманово и министерот за локална самоуправа го помина Бислим на велосипед.
Развојот на активниот туризам во клисурата е поддржан токму од швајцарската амбасадата преку Проектот за рамномерен рурален развој.
„Веројатно најважно е што со програмата мора да имаат учество и граѓаните од целиот регион. Сите градоначалници од регионот идентификуваат и приоретизираат проекти кои ние ги поддржуваме заедно со Министерството за локална самоуправа, финансиската поддршка е пола – пола. Секако, одличната соработка со Општина Куманово е исто клучна. Без таква соработка ваков проект не би бил возможен“,
вели Сибил Зутер Техада – амбасадорка на Швајцарија во Македонија.
Колку државата е посветена на развој на местата со ваков туристички потенцијал? Министерот за локална самоуправа вели дека општините треба да бидат поактивни на ова поле.
„Претежно кога ние сами објавуваме огласи, општините генерално ни даваат предлози за канализација, за некое патче, улица, водовод. Нема ваков тип на проекти. Кога доаѓаат странски донатори е таму знаат да направат вакви проекти, бидејќи условите се такви – алтернативен туризам, иновативни решенија итн.“,
смета Горан Милевски – министер за локална самоуправа.
Градоначалникот на Куманово, пак, тврди дека за слични проекти општините ретко наоѓаат пари. Смета дека е потребна државна стратегија.
„Еве, селото Пчиња каде што сме денеска, нема водоводен систем за снабдување со вода и комуналните проблеми се огромни. Многупати како градоначалник заедно со мојот тим кога реализираме проекти и ќе ја видите онаа радост кај граѓаните откако ќе изградите една улица ќе сфатите на кое ниво ние всушност сме. Но, за развој на туризмот е потребна генерална државна политика којашто ќе поддржува со финансиски средства суштински проекти за развој“,
смета Максим Димитриевски – градоначалник на Општина Куманово.
Потребни се денови за да се истражи Бислимска Клисура. Има пештери долги и до 90 метри и верување дека некои од нив кријат богатство, но на оној што ќе го пронајде ќе му се случи нешто лошо. Богата е со ендемски видови растителен и животински свет, врвови на кои живеат орли. Чистиот воздух и жуборењето на Пчиња за кратко време ги „полнат батериите“.
Бислимска Клисура, на некој начин, сѐ уште важи за „неоткриено место“ па престојот овде е пријатен зашто нема многу метеж. Но, како што ќе се зголемува посетеноста, треба да се зголемува и свесноста дека клисурата треба да ја оставиме онаква каква што ја создала природата.
Генерално, местото е невообичаено чисто за домашни стандарди. Но, се чини дека нема да биде така уште долго, ако се суди по ѓубрето што веќе почнале да го фрлаат посетителите.
„Треба да се однесуваме европски. Каде седат, да соберат сѐ што ќе фрлат, да си стават во корпа или ако нема корпа, ќе си стават во најлон-кеси“,
вели Стојан Милановски – жител на село Пчиња.
„Треба да се заштити местото, треба да се направат патеки, треба да се обележи, да се предупреди, треба да има едукација за селаните, инфо-табли за посетителите. Треба и општината да се ангажира, да намести корпи за ѓубре и да го собира отпадниот материјал“,
смета Сашо Јуруков – посетител.
Ова се само први чекори во развојот на клисурата. Од „Outdoor Adventure Macedonia“ работат на промоција на туризам различен од добро познатата локална формула.
„Кај нас повеќе го има тој ‘кафеанскиот туризам’. Одиме на некое место каде што има кафеана, седиме, јадеме, пиеме и си одиме дома. Ние сакаме да го развиваме активниот туризам. Доаѓаш тука, се рекреираш, дали возиш велосипед, дали кајакариш, дали ќе земеш часови за качување на карпа или веќе си искусен качувач, сето тоа да им го пренесеме на луѓето и да си заминат задоволни, исполнети со енергија, а не исполнети со алкохол“,
додава Стојан Хаџиефтимов – менаџер на „Outdoor Adventure Macedonia“.
Сепак, посетителите треба некаде да престојуваат и да се хранат, а сместувачки капацитети сѐ уште се само во најава. Овој предел има своја традиција, богат е со раноградинарски култури, друга локална храна и мистериозни приказни за Бислим. Но, има и улички со дотраен асфалт, а наместо паркинг – ливади.
Современа инфраструктура е потребна, но засега епитетот „неоткриено место“ и вистински недопрената природа се она што ќе ги привлекува авантуристите да ја посетат и да ја доживеат Бислимска Клисура.