Амбасадорот на СР Германија, Томас Герберих, тврди дека С. Македонија оваа година ќе ги почне преговорите за членство во Европската унија.

„Одлуката на Советот на ЕУ за датум за преговори се помести за октомври. Лично сум убеден дека уште во оваа година ќе може да има само една одлука, а таа е да се започнат пристапните преговори со С. Македонија во согласност со препораките на ЕК. Прашањето не е повеќе дали туку кога ќе се случи тоа“, рече Герберих на седницата на Националниот совет за евроинтеграции на која се разговараше за „видувањата на Берлин и Париз за долгорочната визија за европска интеграција“.
Токму поради одложувањето на одлуката на германскиот парламент наесен, Советот за општи работи на ЕУ во вторникот во Луксембург заклучи дека повторно ќе се наврати на препораката за почеток на преговори со С. Македонија најдоцна во октомври.
Останува отворено и прашањето за ставот на Франција, која пред овој состанок на Советот на ЕУ остана тивка, зашто вниманието главно беше насочено кон Германија.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, на седницата на Националниот совет за евроинтеграции, рече дека процесот никогаш не бил поблиску до отворање преговори, но и дека работата е завршена.
„Претстои многу работа и тоа не само од наша гледна точка туку и за самите вас, тоа е ваша работа, ние треба да ве поддржиме и да ви помогнеме. Има работа што ја очекува и ЕУ – тоа е една од главните грижи на претседателот Макрон зашто треба да се обнови рамката на ЕУ за да може европското јавно мислење, но и институционалниот систем на Унијата да бидат спремни во конкретен момент да ги пречекаат земјите од Западен Балкан, чие место во ЕУ е веќе обележано. Очигледно е дека С. Македонија има сопствени заслуги кои треба да бидат поздравени, зашто ќе се оценува според сопствените исполнувања, тоа ќе биде првиот основен критериуми за нас“, порача амбасадорот на Франција.
Одлука за почеток на преговори би можело да се донесе најрано на 16 септември, ако Бундестагот се изјасни на сесијата од 9 до 13 септември. Сепак, поверојатно е темата повторно да биде пред министрите на 15 октомври, под услов германскиот парламент да се изјасни на заседанието од 23 до 27 септември.