Денеска, како никогаш порано, Албанците во Македонија се на високи државни функции, како претседател на Врховниот суд, министер за одбрана, претседател на Собранието. Сепак, ова не е доволно, рече лидерот на ДУИ во видеообраќање
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во денешното видеообраќање за промоција на идејата за прв премиер Албанец во Северна Македонија, не спомна имиња на можни кандидати на партијата за оваа позиција, како што најавуваа одредени медиуми.
Од Мала Речица, исто така, засега нема потврда дека Љазим Дестани, сопственикот на компанијата „Еколог“, ќе биде кандидат на ДУИ за мандатар.
Ахмети сепак рече дека тој нема да биде кандидатот за премиер: Оваа идеја, нагласи, е поголема од секоја партија и секоја личност. Ова идеја, рече, не се однесува на ДУИ, ниту на него лично.
„Време е за првиот премиер Албанец во Северна Македонија! Некои можат да ја наречат оваа идеја неостварлива. Некои можат и да се потсмеваат на нашата доверба во остварување на сонот на многу Албанци. Сепак, и тоа е добро. Кога некој ти го одрекува сонот, те поттикнува да работиш уште повеќе за да го оствариш“,
рече Ахмети во денешното видеообраќање.
Тој оцени дека сега е време за целосна рамноправност, со оглед на тоа што земјата ги има Рамковниот и Преспанскиот договор, членство во НАТО и одлука за почеток на преговори со ЕУ.
„Денеска, како никогаш порано, Албанците во Северна Македонија предводат високи државни институции, како претседател на Врховниот суд, министер за одбрана, претседател на Собранието. Сепак, ова не е доволно. Време е сонот да продолжи. Северна Македонија е наша земја. Земја за која сме се бореле. Ние имаме прво на нејзината историја, наследство и економија и во иднина. Сега е време за целосна рамноправност и за преземање одговорност за раководење“,
рече Ахмети.