„Финансираме пронаоѓање вакцини. Се надеваме дека со оваа помош би можеле да имаме вакцина на пазарот можеби веќе пред есента“,
оптимистички изјави претседателката на Европската комисија пред неколку дена.

„Картата“ на која „играат“ Европската комисија и нејзината шефица е оваа, за фармацевтски стандарди, релативно мала компанија, со 400 вработени, со седиште во Тибинген, близу Штутгард во Германија. Облогот на Урсула Фон Дер Лејен „тежи“ 80 милиони евра, пари на европските даночни обврзници, алоцирани за поддршка на истражувањето на „Кјурвак“.
Од формирањето во 2000-та па до денес, компанијата се смета за една од водечките во развојот на вакцини базирани на човековата ДНК-а. „Кјурвак“ користи техники на генетско инженерство за биолошки да го оптимизира трансферот на пораки во човечките клетки за да му ги дадат на телото потребните информации за да се бори против болеста и да развива антитела.

Дека „Кјурвак“ е на вистинскиот пат да развие вакцина за ковид-19, зборува и битката за нејзино купување. Германски медиуми објавија дека американскиот претседател Доналд Трамп понудил голема сума пари за САД да ја преземат „Кјурвак“, а неколку дена подоцна главниот извршен директор Даниел Меничела, без објаснување, ја напушти позицијата.
Дека имало обид за преземање на „Кјурвак“ потврди и шефицата на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лејен, по средбата со првиот човек на ЕУ, Шарл Мишел. Таа не го криеше задоволството дека „Кјурвак“, сепак, останува европска компанија.

„Фактот дека други земји се обидоа да ја купат оваа компанија покажува дека таа фирма е меѓу првите во истражувањето, високопризнаена компанија, која работи на шаблон кој веќе беше одобрен и минат низ неопходните процеси. Така што, станува збор за исклучително специјализирана фирма и проценка на луѓето што работат е дека би можеле до наесен да имаат изготвено вакцина за коронавирусот. Многу е важно за нас што е европска компанија, сакавме да ја задржиме во Европа и таа сакаше да остане во Европа, важно беше да и се обезбедат потребните средства и тоа се случи вчера при нашата дискусија“,
изјави Вон Дер Лејен.
Прашањето е зошто Брисел ја таргетира токму „Кјурвак“ како компанијата што најбрзо би можела да стигне до толку посакуваната вакцина? „360 степени“, пред две недели, пред експлозијата на коронавирусот на европско тло, побара интервју со претставници на „Кјурвак“ за нивната работа на вакцината. Одговорот што го добивме беше:
„Со ширењето на коронавирусот ги променивме интерните политики за намалување на контакти на минимум. Затоа, не сме во можност да ве примие во нашиот објект и лаборатории“.
Сепак, пред неколку дена, „Кјурвак“ организираше телефонско интервју за повеќе заинтересирани медиуми на кое раководството одговараше на прашања за процесот на подготовка на вакцина.
„Она што сега го правиме е да кодираме еден специфичен протеин кој е присутен на површината на коронавирусот. Тој протеин е доволен да го активира човечкиот имунолошки систем за да се бори против вирусот. Овој концепт веќе го потврдивме во нашата вакцина против беснило, сметаме дека оваа технологија е многу потентна и дека овозможува заштита со многу мали дози“,
вели Мариола Фотин-Млежчек, главен технолог на Кјурвак.
И во случајот со ковид-19, Кјурвак го користи истиот принцип. Процесот, се уште е во, како што објаснуваат, техничка фаза.
„Почнавме со изработка на две вакцини за користење врз луѓе. Сите во „Кјурвак“ се фасцинирани од проектот и напорно работиме за почеток на првата фаза од студијата веќе на почетокот на летото“,
смета Фотин-Млежчек.
Секој процес на изработка нова вакцина, покрај истражувачкиот, содржи и тест-период кој, најчесто, трае долго, понекогаш со години, дополнително обремент со бирократски процедури. Сепак, Брисел најавува „брза лента“ и олеснување на регулаторните правила за новата вакцина, која ако се покаже успешна, ќе биде во употреба веќе наесен.

„Бидејќи, како што гледаме, сме во сериозна криза, во можност сме да ги забрзаме процесите кои во нормални околности се спори, одземаат многу време, се многу бирократски. Сите знаеме, еве преку примерот со јавни набавки, дека има процеси што вообичаено се многу бавни и одат тешко, но сега ги имаме средствата за да ја забрзаме работата. Мислам дека ако се фокусираме на суштинското, тогаш зборуваме за криза која не само што сериозно ќе ја погоди ЕУ, туку и ќе се прошири низ светот. Замислете само ако се прошири во други краишта и што би значело да се има потенцијална вакцина и затоа ова прашање е од најголема важност за нас“,
изјави претседателката на ЕК, Урсула Вон Дер Лејен.
Компанијата „Кјурвак“ ќе ја искористи европската помош главно за проширување на капацитетите и забрзување на производството на вакцината, кога ќе дојде моментот за тоа.
„Благодарни сме за поддршката од Европската комисија чие финансирање ќе ни овозможи натамошно проширување на нашите капацитети. Како што знаете, „Кјурвак“ е фокусиран на темелна изработка на вакцини. Значи, не станува збор да се биде брз во делот на клинички тестирања, туку и да се обезбеди материјал за голем дел дел од населението кому му е потребен. Токму поради ваков тип на снабдувања ние ќе го искористиме финансирањето и ќе ја забрзаме веќе почнатата градба за да имаме доволно капацитет за да обезбедиме соодветен број вакцини за популацијата“,
вели Флоријан Вон Дер Мулбе, шеф на производството на Кјурвак.
Сегашниот капацитет на „Кјурвак“ е 10 милиони дози, а помошта од Европската Унија треба да го зголеми до можност за производство на една милијарда дози за релативно краток период.