По средбите со државно-владиниот врв во Скопје, заменик-помошникот државен секретар на САД, задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар, даде интервју за „360 степени“. Погледнете го во видеото:
Габриел Ескобар во септември оваа година ја презеде должноста заменик-помошник државен секретар задолжен за Западен Балкан во американскиот Стејт департмент. Одлично го познава регионот зашто на новата позиција дојде од местото заменик-амбасадор на САД во Србија, а претходно во кариерата служел на различни дипломатски позиции во Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. Вчера (6 декември 2021 г.) првпат беше во Скопје на средби со претседателот Пендаровски, премиерот Заев, вицепремиерите Димитров и Битиќи и шефот на дипломатијата Османи. Пред да замине од Скопје, даде интервју за „360 степени“, прво за еден медиум од Северна Македонија по доаѓањето на новата функција.
360°: Ова е Ваша прва посета на Северна Македонија откако ја презедовте новата функција во Стејт департментот. Освен што средбите со државно-владиниот врв имаат запознавачки карактер, какви пораки пренесовте/пренесувате за време на разговорите во Скопје?
Ескобар: Прво, ви благодарам за можноста да бидам дел од вашата емисија. Имаше три причини за посетата. Првата, на Владата лично да и ја пренесам мојата и благодарноста на американската администрација за силната посветеност на Северна Македонија кон НАТО. Тоа е вистинско партнерство во кое Северна Македонија многу придонесува и за кое се надевам дека ќе ја продлабочуваме нашата соработка. Втората причина за посетата е да ја изразам поддршката на САД и на оваа администрација за вашата кандидатура за ЕУ. Се надеваме дека ќе се случи многу брзо и во тоа ја имате нашата целосна поддршка. Третата причина – врз основа на постоечката соработка со Северна Македонија, сакав со Владата да разгледаме можност за продлабочување на односите, за проширување на односите – да бидат поробустни во смисла на економски инвестиции, културна, образовна, земјоделска и секој друг вид соработка паралелно со воената и политичко-стратешката.
360°: Неодамна беше објавено дека Северна Македонија ја заокружи воената интеграција во НАТО. Со оглед на бројот на војници и опременоста на нашата армија, постојано се наметнува дилемата дали Северна Македонија, навистина, може да биде партнер од полза за сојузниците?
Ескобар: Така е, всушност веќе е така. Да не заборавиме дека НАТО, пред се, е политичка унија. Тоа значи дека е унија на држави што имаат не само заеднички интереси, туку и споделени вредности. Токму тие вредности се важни за НАТО да биде исклучително важен инструмент за јакнење на демократијата, за промоција на владеење на правото и за охрабрување на реформите. Во таа смисла, Северна Македонија е одличен пример за идните членки.
360°: Повеќепати досега од различни нивоа на администрацијата во Вашингтон доаѓаа пораки дека САД поддржуваат почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ што е можно поскоро. Но, тоа не се случува поради блокадата од угарија. Дали американската дипломатија е ангажирана за да го олесни доаѓањето до решение меѓу Скопје и Софија, а со тоа и до деблокада на процесот?
Ескобар: Би почнал со пораката дека Северна Македонија заслужува да биде дел од Европската Унија. Вие културно, историски и, се поинтензивно, економски сте дел од Европа. Би требало да имате место на масата. Дополнително, завршивте неколку добри реформи што ве квалификуваат за да го почнете процесот. Одблиску соработуваме со нашите европски партнери, сите наши европски партнери, за да осигураме тоа да се случи многу брзо. Се надевавме и се уште се надеваме дека можете да почнете со меѓувладините конференции оваа година. Ако не годинава, тогаш што е можно поскоро наредната година. Така што, одговорот е – да, за ова прашање сме во постојана комуникација со сите наши европски партнери.
360°: На прес-настанот по Вашата средба со министерот Бујар Османи, имаше новинарско прашање за тоа дали г. Ескобар од Скопје оди за Софија.
Ескобар: Одговорот е – не. По Скопје заминувам за Босна каде ќе се одржи Конференцијата за мировна имплементација. Потоа, одам за Тирана каде повоторно ќе пратам сигнали за нашата поддршка за зачленување во ЕУ по што ќе заминам за Лондон за да се сретнам со новиот британски специјален претставник за Западен Балкан, кој ги свикува министрите за надворешни работи на Западен Балкан за да се мапира како нашата соработка во регионот ќе функционира во иднина. Сево ова се примери за позитивен развој во регионот. Се надеваме дека Македонија ќе биде целосен партнер и ќе ни помогне да има напредок. Не ја исклучувам можноста во одреден момент да посетам други делови од Европа каде има важни прашања за кои треба да разговараме.
360°: Ќе се реферирам на една полуреченица од Вашата изјава по разговорите со шефот на дипломатијата. Зборувајќи за потребата од што побрз почеток на пристапните преговори на Северна Македонија во ЕУ, рековте – ја поздравуваме вашата подготвеност за флексибилност… Што точно мислевте?
Ескобар: Она што го мислам е дека го поддржуваме секој ваш напор за да се направи се за почеток на тој процес. Направивте реформи, пративте сигнали дека имате намера да направите се што е потребно и оваа Влада изрази силна поддршка, силна стратешка визија да се биде членка на ЕУ и ние продолжуваме тоа да го поддржуваме.

360°: Имате ли коментар на неодамнешните и тековните внатрешно-политички случувања во Северна Македонија – најавената оставка на Зоран Заев од премиерската позиција, обидите за уривање на актуелната влада, преговорите за окрупнување на парламентарното мнозинство…?
Ескобар: Нашето партнерство со Северна Македонија е со нејзините граѓани и институции. Затоа, се надеваме дека идната влада, исто како и оваа, ќе може да ја задржи силната про-НАТО посветеност и силниот евроатлантски фокус. Се надеваме дека која било Влада ќе има таква посветеност и, се додека е така, ќе ја има нашата поддршка.
360°: За граѓаните на Северна Македонија, на внатрешен план, се чини, главни проблеми остануваат широко распространетата корупција, владеењето на правото, потребата од што понезависно и поефикасно судството… Која би била Вашата порака во овој контекст, имајќи ја предвид определбата (Меморандумот) на претседателот Џо Бајден со која борбата против корупцијата беше поставена како клучен интерес за националната безбедност на САД?
Ескобар: Така е. Како што знаете, корупцијата сериозно им наштетува и ги нагризува демократиите. Северна Македонија е извонреден пример за мултиетничка хармонија, за воспоставување пример за продлабочување на евроатлантските идеали. Така што, борбата против коруцпијата е борба која постојано сите ја водиме, не само во рамките на нашите граници, туку и надвор од границите. Ја охрабрувам Владата на Северна Македонија, оваа, наредната, сите влади да ја продолжат борбата против корупција. Патем, корупцијата е таа што ги тера луѓето да заминуваат од Западен Балкан. Оттука, колку побрзо го решиме ова прашање, толку поздрава ќе биде и економијата и демократијата во оваа земја.
360°: На регионален план, состојбата во Босна и Херцеговина и дијалогот Белград-Приштина се најголеми предизвици. Можен ли е пробив на овие две прашања?
Ескобар: За да можам да одговарам на двете прашања треба да зборуваме за контекстот во кој се наоѓаме. Важно за јавноста да знае е дека оваа администрација не гледа на Балканот со очите од 1990-ите, а тоа е низ политичките проблеми. Реалноста, вистинската приказна за Балканот е извонредниот економски раст и извонредните економски можности што постојат тука. Ако гледате економски каде сме 25 години подоцна, ќе видите дека од територијата на поранешна Југославија, во делот на Западен Балкан, имаме три земји членки на НАТО, кои ги нарекуваме сојузници и пријатели. Економијата има просечен раст од 7 проценти. Регионот нуди извонредни можности во енергетиката, транспортот, обновливи извори, па дури и ИТ. Оваа економска регионална интеграција го трансформира Балканот во навистина возбудливо место – да се видат и политичките и економските прашања. Тука Северна Македонија ќе ни помогне да ги решиме проблемите – не само во вашата земја, туку и во регионот. Оттука, да, мислам дека во контекст на оваа регионална интеграција има големи можности за надминување на прашањата меѓу Србија и Косово, како и Босна и Херцеговина. Ќе очекуваме Северна Македонија да придонесе за решение на овие проблеми.
360°: На каков начин?
Ескобар: Прво, вие сте извонреден пример за мултиетничка хармонија, вие сте одличен пример за мирно и ефикасно интегрирање во евроатлантските институции и, исто така, сте модел за спроведување слободни, фер и мирни избори. Затоа, вие ни требате тоа да го извезете.
360°: Дали наскоро ќе се вратите?
Ескобар: Би сакал. Кога ќе дојдам нареден пат, би сакал повеќе да направам со стопанските комори, бизнисите, претприемачите, студентите и граѓанскиот сектор. Допатував зашто тоа беше единствената можност пред крајот на годината и, како што реков – важно е за оваа администрација да прати изјава за поддршка на вашите евроатлантски аспирации. Но, кога ќе дојдам нареден пат, ветувам дека ќе се сретнам со повеќе луѓе, дека ќе добијам поширок впечаток за тоа што е Северна Македонија.