Ова уште едно во низата разрешувања на директори на јавните претпријатија откако Арсовска стана градоначалничка на Скопје
Иван Илиевски е назначен за нов в.д. директор на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП), по одлуката на новата градоначалничка Данела Арсовска да го разреши досегашниот директор Кристијан Чушков.

Арсовска во својата кампања за време на локалните избори ветуваше бесплатен автобуски превоз.
Новиот директор Илиевски, како што се наведува во соопштението од град Скопје, бил член на Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата на град Скопје, а долги години работел на раководни позиции во АМСМ и во Македонија сообраќај Америт.
Ова едно од неколкуте разрешувања во скопските јавни претпријатија откако Арсовска ја однесе победата на локалните избори и стана нова градоначалничка на главниот град.
Попладнево, директорот на скопската Зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски, преку фејсбук статус изјави дека се повлекува од позицијата директор, откако претходниот период од своите позиции беа разрешени в.д. директорот на „Дрисла“, Коста Начевски и в.д. директорката на ЈП „Лајка“, Тина Петрушевска.