Според соопштението објавено од кабинетот на премиерот, цитирано од агенцијата Франс прес, Сунак треба да објави дека Британија планира да испорача стотици илјади парчиња артилериска муниција следната година, согласно договорот од 250 милиони фунти (304 милиони американски долари) што ќе обезбеди постојан проток на критична артилериска муниција за Украина во текот на 2023 година
Велика Британија се очекува да објави дека ќе испрати нова голема пратка артилериска помош за Украина додека британскиот премиер Риши Сунак се подготвува да се сретне со своите нордиски, балтички и холандски колеги. Состанокот е закажан за денеска во главниот град на Летонија, Рига.
Според соопштението објавено од кабинетот на премиерот, цитирано од агенцијата Франс прес, Сунак треба да објави дека Британија планира да испорача стотици илјади парчиња артилериска муниција следната година, согласно договорот од 250 милиони фунти (304 милиони американски долари) што ќе обезбеди постојан проток на критична артилериска муниција за Украина во текот на 2023 година, пренесува „Гардијан“.
Премиерот денеска патува за Летонија на лидерскиот собир на земјите од Здружените експедициски сили, во кои спаѓаат Данска, Финска, Естонија, Исланд, Летонија, Литванија и Холандија, а на кој ќе се обрати претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
„Од Арктичкиот Круг до островот Вајт, Велика Британија и нашите европски сојузници беа во чекор со нашиот одговор на инвазијата на Украина и ние остануваме цврсти во нашата амбиција за мир во Европа уште еднаш“,
рече Сунак пред состанокот.
Но, за да постигнеме мир, додава Сунак, мораме да ја одвратиме агресијата.
„Нашите заеднички распоредувања низ регионот се од витално значење за да се осигураме дека сме способни да одговориме на најголемите закани. Знам дека овој самит на Здружените експедициски сили само ќе ги нагласи нашите блиски пријателства и непоколебливата поддршка за Украина“,
вели британскиот премиер.
Како што соопштија од Даунинг стрит 10, на состанокот исто така ќе се разговара за размена на разузнавачки информации меѓу земјите од Здружените експедициски сили, заканите за инфраструктурата и хибридните закани од руската агресија и зајакнувањето на поддршката за Финска и Шведска пред нивното пристапување во НАТО. Се очекуваат и дополнителни најави за заеднички воени вежби.
Потоа се очекува Сунак да лета за Естонија, каде што ќе се сретне со трупите на Велика Британија и НАТО кои служат на источното крило на воената алијанса на руската граница.
Инаку, според последните информации објавени од украинските власти, во напад со беспилотно летало врз Киев оштетена е инфраструктурата и повредени се две лица.
Началникот на градската воена управа на Киев, Сергиј Попко, изјави дека во воздушниот простор на Киев забележани се повеќе од 20 дронови, а околу 15 уништила противвоздушната одбрана.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, објави дека утрово во напад со дрон била оштетена критичната инфраструктура.
Воздухопловните сили на Украина објавија дека откриле 35 беспилотни летала од иранско производство, од кои 30в собориле во последниот напад со беспилотни летала врз Киев.