Ова е историка одлука и прв чекор кој треба да трасира пат до конечно издавање томос на МПЦ во случајот Охридска архиепископија, вели новинарот познавач на црковни прашања, Марјан Николовски
Не би се изненадил доколку СПЦ се спротивстави на овој потег на Вселенската патријаршија. Во таков случај, на сцена повторно би стапила Вселенската патријаршија, како што тоа го направи во случајот со Украинската црква – на крајот го додели томосот за автокоефалност, смета новинарот Бранко Ѓоргевски
Се очекува да се види и реакцијата на Бугарската православна црква која би можела да не се согласува со признавањето на нашата црква под името Охридска архиепископија
Одлуката на Вселенската патријаршија за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет значи дека повеќе не сме расколници и тоа е историски чекор кон издавање томос за автокефалност на нашата црква.
Ова е генералната оценка, по денешната вест која стигна од Вселенската патријаршија, на новинарите и познавачи на теми од религијата, Марјан Николовски и Бранко Ѓоргевски.
„Во принцип, Вселенската патријаршија донесе историска одлука за иднината на Македонската православна црква (МПЦ). Тоа е признание на она што, всушност, МПЦ повеќе од 55 години го бараше од православниот свет, а тоа е правото на сослужување со сите православни цркви и дефинирање дека црковниот проблем не е канонски, туку е административен, наметнат од Српската православна црква (СПЦ). Тоа е првиот чекор кој треба да трасира конечно издавање томос на МПЦ во случајот Охридска архиепископија“,
вели Николовски во разговор со „360 степени“.
Со денешниот историски чин, вели неговиот колега Ѓоргевски, нашата црква е примена како полноправна црква во православното семејство и тоа значи дека достоинвениците на Вселенската патријаршија ќе сослужуваат со македонските достоинственици како со рамноправни духовници.
Само Вселенската патријаршија може да издаде томос за автокефалност
Следно до конечна автокефалност, велат нашите соговорници, е издавање томос. А томос, нагласува Николовски, може да го издаде само Вселенската патријаршија и токму тоа е наредниот чекор што се очекува.
„Вселенската патријаршија ја повикува СПЦ активно да се вкчули во процесот на издавање на томосот или, со други зборуви, бара да не го опструира процесот кој во иднина ќе следува за комплетното надминување на проблемот со општо, задничко, сеправославно единство и прифаќање на МПЦ или во иднина Охридската аргхиепископија во семејството на автокефални цркви. Тоа, практично, значи дка процесот ќе се води пред Вселенската патријаршија со дефинирање на сите подробности кои подразбираат воспоставување на тој процес, а во меѓувреме македонските владици, свештеници итн., ќе може да служат заеднички литургии со свештениците на Вселенската патријаршија, но и со сите останати цркви кои ќе одлучат да ја почитуваат одлуката“,
вели Николовски, додавајќи дека индивидуално право е на секоја црква дали ќе се согласи со тоа.
И Ѓоргевски нагласува дека секоја православна црква сега ќе се изјасни дали ја почитува одлуката и нејзините достоинвеници ќе сослужуваат со нашите, но она што е важно е дека повеќе не постојат канонски пречки. Сепак, посочува и тој, за издавање на томосот ќе си одлучи Вселенската патријаршија.
Како ќе реагира СПЦ
По ваквата одлука, како што велат нашите соговорници, интересно ќе биде каква ќе биде првата реакција од СПЦ, чиј патријарх Порфириј иницираше обновување на дијалогот помеѓу двете цркви. Претставници на МПЦ и на СПЦ, за што веќе се пишуваше, пред два викенда, далеку од очите на јавноста, имале средба во Ниш по долги години прекината комуникација.
Веста за враќањето на дијалог на маса ја објави зворничко-тузланскиот епископ Фотиј, при проповед по литургијата за Свети Ѓорги, а кај нас ја пренесе порталот „религија.мк“. Српскиот епископ не откри кој се бил во делегацијата на МПЦ-ОА, ниту пак во делегацијата на СПЦ, но од говорот можеше да се забележи дека присуствувал спрскиот патријарх Порфириј и тој, како член на Синодот на СПЦ.
„Неодамнешната средба во Ниш може да се толкува како координација иако не мора да значи“,
коментира Николовски.
Тој додава дека каков ќе биде ставот на СПЦ ќе се види и од нејзината реакција односно дали желбата за дијалогот што ја наметна патријархот Порфириј е во духот во координираност со Вселенската патријаршија или, пак, можеби ќе ја оцени негативно денешната одлука.
Ѓоргевски, пак, има дилеми каков став ќе заземе српската страна.
„Не би се изненадил доколку СПЦ се спротивстави на овој потег на Вселенската патријаршија. Во таков случај, на сцена повторно би стапила Вселенската патријаршија, како што тоа го направи во случајот со Украинската црква – на крајот го додели томосот за автокоефалност“,
вели новинарот, појаснувајќи дека и со Украинската црква постапката била слична – црквата била примена во православието како канонска, руската страна се спротивставила, но на крај ѝ бил доделен томос за автокефалност.
Реакции може да предизвика и името
Како еден важен сегмент што го коментираат нашите соговорници е и делот од деншната одлука на Вселенската патријаршија каде се наведува дека како име на нашата црква се признава „Охридска“ (имајќи ја на ум како област на нејзината јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија“).
Ѓоргевски вели дека очекува на ова да се спротивстави Бугарската православна црква со оглед дека Вселенската патријаршија, со тоа што не именува како „Охридска“, значи и дека нашата црква се смета за наследник на Охридската архиепископија и на нејзината традиција, нешто за што се смета и бугарската.
Именувањето како Охридска архиепископија, констатита и Николовски, би значел историски континуитет за разлика од сценарио кога црквата како автокефална би се нарекувала „Православна црква на Северна Македонија“.
„Една работа која се наметнува е именувањето со оглед на православниот поредок дека не постои можност за именување и издавање на црква со национално име. Сите цркви се нарекуваат по седиштата на нивните претстојатели. На пример, руската е Московска, српската е Печка, грчката е Атинска… Постои можност за именување по државата, како што е православната црква во Украина и во Албанија, но во случајот со нашето ново уставно име, името на таа нова црква би било ’Праволсавна црква на Северна Македонија‘ што е попонижувачко и навредливо од ’Охридска архиепископија‘, кое овозможува историски континуитет од над 1 100 години со древната Охридска арихиепископија“,
вели Николовски.
Во однос на реакциите по денешната одлука, новинарот вели дека евентуално спротивставување од политички причини, би можела да има и руската црква.
Процесот до денешната одлука на Вселенската патријаршија со која повеќе нашата црква не се смета за расколничка ,туку се признава за канонска, беше повеќегодишен. Во април 2018 година Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија испрати молба за апелација до Вселенската патријаршија, која е единствената на сеправославно ниво што има историски и канонски права да прифаќа апелација и да доделува автокефалност. По молбата, Вселенската патријаршија одлучи да се заземе за прашањето и да ги преземе потребните чекори. Во меѓувреме, и државниот врв имаше средби, а упати и неколку писма и молби до Вселенскиот патријарх Вартоломеј за да се уважи молбата за апелација.