Новото дебатно издание на емисијата „360 степени“, во кое гостуваат Гоце Коцевски – програмски директор во Македонското здружение на млади правници, и Александар Димитриевски, новинар-уредник во „360 степени“, се емитува вечерва (14 април 2023 г.) од 22:15 часот на ТВ Алсат
Се е толку матно во случајот со „Бехтел и Енка“, а нема ниту изгледи дека ќе се избистри. Кулминација на сите проблематични елементи е ставот на Владата дека јавноста никогаш нема да го види договорот со „Бехтел и Енка“ зашто така барал американско-турскиот конзорциум. Договорот содржел ценовно чувствителни информации за нивниот бизнис и модел на работење. А, станува збор за јавни пари – најмалку една милијарда и триста милиони евра, иако очигледно е дека ќе бидат многу повеќе, што е најголемата сума за поединечен проект во историјата на земјава. За споредба, според базата што ја систематизираа колегите од БИРН, за „Скопје 2014“ се потрошени околу седумстотини милиони евра. Не помалку спорно и неодговорено останува прашањето – како т.н. правен трансакциски советник, односно надзорот предводен од „ИРД инженеринг“, преговарал договор со „Бехтел и Енка“, во име на Владата, врз основа на непостоечки закони, а подоцна и како Владата потпишала таков договор? За ова дебатираме со Гоце Коцевски – програмски директор во Македонското здружение на млади правници, и Александар Димитриевски, новинар-уредник во „360 степени“, кој одблиску ја следи темата.
Емисијата се емитува од 22:15 часот на ТВ Алсат.