Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски, се емитува вечерва (20 јануари 2023 г.) од 22:20 часот на ТВ Алсат
Во „360 степени“ гостува Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на скопската Општина Аеродром. Разговараме на теми од централно и од локално ниво. Првата е поврзана со актуелните движења на политичката сцена – неодамнешните наводи од ВМРО-ДПМНЕ дека пратеници од мнозинството се подготвени да гласаат за распуштање на Собранието и одржување предвремени избори во мај, пресретнати од вчерашната и денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека тие пратеници сега се под брутални и бандитски притисоци на криминални и неформални групи, како порака од раководствата на СДСМ и ДУИ да не го прават тоа. Дали навистина има такви пратеници или Мицкоски бара алиби затоа што нема да се остварат неговите најави за избори напролет? Може ли влегувањето и на Алијанса за Албанците во Владата да ја натера ВМРО-ДПМНЕ да го преиспита ставот за уставните измените за внесување на Бугарите за да не остане изолирана? Дали со најавеното задолжување на Општина Аеродром од 5,4 милиони евра преку издавање обврзница ВМРО-ДПМНЕ го порекнува она за што ја критикува власта на централно ниво?
Емисијата се емитува од 22:20 часот на ТВ Алсат.