Новото издание на емисијата „360 степени“ се емитува вечерва (21 октомври 2022 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Дали нелегално се прислушува во земјава – ова прашање пред неколку дена му беше поставено на Зоран Ангеловски, директорот на Оперативно-техничката агенција – ОТА, која управува со опремата за следење на комуникациите. Одговорот ќе го слушнете во ова издание на „360 степени“. Ангеловски беше еден од учесниците на годишната конференција за реформите во безбедносно-разузнавачката заедница во организација на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор – ДЦАФ, на која се отворија и серија други прашања за постигнувањата, но и за незавршените работи во процесот што почна по скандалот со масовното прислушување. За власта, реформата е успешно спроведена и останува уште надзорот да профункционира во полн капацитет. Опозицијата, пак, смета дека се случила реформа-шминка поради што инсистира на суштински промени. Дел од дебатата ќе имате можност да слушнете во подолгиот извештај што го подготвивме.
За реформата, но и за прашања поврзани со националната безбедност, во контекст на руската инвазија на Украина, хибридните закани и напади, тензијата во односите со Бугарија, вечерва ќе разговараме и со директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, кој е гостин во студиото.
Емисијата се емитува од 22 часот на ТВ Алсат.