Новото дебатно издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува министерот за економија, се емитува вечерва (30 септември 2022 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Ако се реализираат плановите за производство на струја од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) со актуелните цени на енергенсите, нема да има пораст на цената на електричната енергија за домаќинствата од Нова година, вели министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за емисијата „360 степени“ што се емитува вечерва на ТВ Алсат. Ова е коментарот на министерот Бектеши за најавите што во неколку наврати стигнаа од директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, дека поскапувањето на струјата од 1 јануари 2023 година е извесно и дека прашањето е само колку ќе изнесува тоа. Министерот за економија го прашуваме и за понудата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вели дека знае како државата може да заштеди 300 милиони евра во енергетската криза со набавка на поевтини гас и мазут. Тема се и преговорите со Србија (за размена на гас и струја), со Бугарија (за набавка на струја за стопанството), со Турција (за струја и гас). Зборуваме и за продолжениот тренд на зголемување на цените на храната и зошто сè уште не е донесен законот за заштита на потрошувачи кој треба да санкционира нечесни и измамнички трговски практики.
Емисијата се емитува од 22 часот на ТВ Алсат.