Од Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта – Скопје попладнево информираа дека нивни екипи будно ја следат состојбата на сите патни правци и планински превои
Вечерва снег вее на планинскиот превој Плетвар, а на Стража веќе е побелено. Како што најави Управата за хидрометеоролошки работи, попладнево во повеќе предели низ земјава има врнежи од дожд, а на повисоките места од снег. Се очекува зголемување на снежната покривка на планините. Можно е снежните врнежи во текот на ноќта да се спуштат и во пониските предели главно во западните делови поради студеното време.
За утре УХМР најавува на сместа снег во утринските часови. Во текот на денот променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Ниски утрински температури се очекуваат и во следните денови.
Од Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта – Скопје попладнево информираа дека нивни екипи будно ја следат состојбата на сите патни правци и планински превои.
„Навремено се преземени превентивни мерки со опесочување на сите делници на кои се очекуваат ниски температури и врнежи од снег. Воедно упатуваме апел до сите учесници во сообраќајот да носат и користат зимска опрема и да ја прилагодат брзината согласно условите на патот“,
стои во соопштението.
Битолската ТВ Тера објави фотографии од снежната покривка на Баба Планина.