Ние, припадниците на македонското малцинство, ќе настојуваме Грција да направи чекор напред и по јазикот да го признае и македонското малцинство и да имплементира соодветни позитивни мерки
Партијата Виножито во Грција го смести македонскиот јазик како малцински јазик во органите на Европската Унија многу порано пред официјалното регистрирање на Центарот за македонски јазик во Грција бидејќи нашата партија беше формирана во 1994 година, благодарение на пријателите во земјите членки на Унијата. По признавањето на македонскиот јазик, сега е на ред Грција да го признае и македонското малцинство, реагира Павлос Васкопулос од Виножито по веста за регистрација на Центарот за македонски јазик што се протолкува како прво официјално признавање на македонскиот јазик во Грција од државните органи после пописот на населението во Грција спроведен во 1920 година.
„Преспанскиот договор стави печат на македонскиот јазик во Грција. Без оглед дали постоел или не Преспанскиот договор, ситуацијата околу македонското малцинство во северна Грција зависи од самото малцинство. Членовите на Виножито и воопшто малцинството ќе се радуваат да ја видат македонската држава да просперира и најбрзо да стане полноправна членка на ЕУ. Токму таму да ги искористи благодатите на органите и финансиските можности во ЕУ за доброто на сите граѓани“,
посочува Васкопулос во својата реакција на Фејсбук.
Тој додава дека Македонците во северна Грција ќе се радуваат на позитивните грчко-македонски односи.
„Ние, пак, припадниците на македонското малцинство, ќе настојуваме Грција да направи чекор напред и по јазикот да го признае и македонското малцинство и да имплементира соодветни позитивни мерки“,
пишува Васкопулос.