Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден приватно ги поттикнува украинските челници да сигнализираат отвореност за преговори со Русија и да престанат со јавно одбивање за учество во мировни преговори, освен ако рускиот претседател Путин не биде тргнат од власт, јавува „Вашингтон пост“.
Весникот цитира неименувни информирани американски претставници кои рекле дека барањето не било насочено кон туркање на Украина на преговарачка маса, туку како пресметан обид да се осигура оти Киев ќе ја обезбеди поддршката од другите нации кои се внимателни поради страв дека војната би можела да трае повеќе години.
Весникот пишува дека дискусиите ја илустрирале сложеноста на позицијата на администрацијата на Бајден за Украина. Но, американските официјални лица јавно ветиле дека ќе го поддржат Киев со огромна помош, „колку што е потребно“. Тие се надеваат на решение на осуммесечниот конфликт што нанесе голема штета на светската економија и ги поттикна стравувањата од нуклеарна војна.
Весникот наведува дека американските власти ја споделуваат оценката на нивните украински колеги дека Путин засега не е сериозен во преговорите, но признаваат дека забраната на украинскиот претседател Володимир Зеленски за преговори предизвикала загриженост во делови од Европа, Африка и Латинска Америка, каде што ефектите од војната со трошоците за храна се чувствуваат најакутно.
Белата куќа и Стејт Департментот засега не одговориле на барањата за коментар на оваа објава на весникот.