Eврокомесарот за соседска политика и за проширување Оливер Вархеји утре ќе допатува во прва официјална посета на Северна Македонија.
Како што соопшти Делегацијата на Европската комисија во Скопје, Вархеји ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Оливер Спасовски и со претседателот на Собранието Талат Џафери, како и со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Покрај запознавање со македонската политичка елита, како што веќе објави „360 степени“ минатата недела, целта на посетата на Вархеји е увид во реформското досие на земјава и консултација со владините претставници за новата нацрт-методологија за пристапните преговори со ЕУ.
На 18 декември минатата година вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи се сретна со Вархеји во Брисел, при што му го претстави реформскиот план на Владата до Самитот на Европскиот совет во март.
Европската комисија ќе објави мини-извештај за Северна Македонија и Албанија во февруари, а новата методологија, според најавите, се очекува да биде усвоена во март.
Еврокомесарот Вархеји минатиот месец изјави дека пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија треба да почнат напролет. Тој тогаш рече дека ЕУ треба да ја исправи грешката од октомври.
Земјите-членки на ЕУ не се договорија за почеток на преговори со двете земји поради противењето на Франција која, пак, услови со нова методологија на преговарање.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека следните шест месеци ќе бидат клучни за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан и најави дека ЕК за неколку недели ќе излезе со новата методологија за проширување.
Посетата на Вархеји во регионот ќе продолжи следниот ден во Албанија.
*Поврзана вест: