Ги читав изјавите на опозицијата и тие секогаш тврдат дека се посветени да се случи ова членство, е па ајде да го докажеме тоа, порача еврокомесарот
Се надевам дека и опозицијата во Северна Македонија отсега ќе работи за европската иднина и нема да почне со контроверзии, порача еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, на прес-конференција по првата меѓувладина конференција на земјава со ЕУ за почеток на преговорите.
Вархеји оцени дека тоа што за францускиот предлог се дискутирало во Собранието е најдемократскиот начин за да ѝ се даде мандат на владата и порача дека е важно што се слушнало дека и тоа е подготвено за овој процес вклучително и уставните измени за вметнување на Бугарите. Опозицијата, порача тој, досега изјавуваше дека е за ЕУ, па затоа ја повика сега и да го докаже тоа.
„Се надевам дека отсега натаму сите политички партии вклучително и опозицијата ќе работи за европската иднина и нема да започнат со контроверзии и предизвикување емоции кои нема да ја носат земјата напред, емоции кои нема да резултираат со ништо битно за битно за земјата. Затоа ја повикувам опозицијата. Имав прилика да видам како се надминаа границите на европски вредности токму во текот на оваа дебата. Но, се надевам дека со оваа меѓувладина конференција денес може да свртиме нова страница и да се фокусираме на она што треба да го правиме за Северна Македонија брзо да стане членка на ЕУ затоа што ги читав изјавите на опозицијата и тие секогаш тврдат дека се посветени да се случи ова членство, е па ајде да го докажеме тоа“,
рече Вархеји.
Уставните измени, рече тој, јасно е дека треба да се случат.
На прашањето како Европската комисија ќе спречи годишните извештаи од членот 12 од Договорот за добрососедство да не станат пречка за преговорите, еврокомесарот рече и дека во досегашните извештаи на Комисијата, се известувало за добрососедските односи.
Денешната прва меѓувладина конференција тој ја оцени како важен момент и за ЕУ кој става крај на еден долг процес и означува почеток на една нова фаза од пристапувањето на земјава во ЕУ. Еврокомесарот ја пофали Северна Македонија за истрајноста и одлучноста да го унапреди патот кон ЕУ и за тоа што цело време била добар партнер. Почетокот на преговорите за него е важен и затоа што за првпат целосно се применува новата методологија.
До граѓаните на земјава тој испрати порака дека ЕУ ги сака за членки.
„Нашата порака за граѓаните од РСМ е многу јасна: Ве сакаме во ЕУ. Тука не постојат сомнежи. Денеска праќаме моќна порака и до целиот регион, па и надвор од него. Од страна на Комисијата ќе направиме сè што можеме за да се забрза процесот. Уште попладнево ќе започнеме со скринингот на законодавството на ЕУ и ова е првиот чекор во процесот на пристапните преговори. Уверен сум дека со одлучноста и решителноста на С Македонија ќе можеме да работиме брзо напорно и ефективно во текот на преговорите. Премиере, сакам да сметам на вас и вашиот тим за да обезбедиме консензус на овој пат, знам дека не беше лесно, но го избравте најдемократскиот процес и го прашавте Собранието“,
рече Вархеји.