Вакцината ќе биде ефикасна до одреден степен, но веројатно помалку ефикасна отколку што беше кај претходните варијанти
Вакцините против ковид-19 сигурно ќе бидат помалку ефикасни против новата варијанта на коронавирус што се појави во Јужна Африка, е ставот на британскиот биолог Џејмс Нејсмит, пренесува Би-би-си.
„Тоа е лоша вест, но не е крај на светот. Вакцината ќе биде ефикасна до одреден степен, но веројатно помалку ефикасна отколку што беше кај претходните варијанти“
вели британскиот биолог Џејмс Нејсмит.
Во интервјуто за Би-би-си, Нејсмит додаде дека мутациите од новата варијанта на коронавирус може да наведуваат дека се работи за позаразен вид, но дека нивото на зараза не е толку едноставно и зависи од тоа како функционираат мутациите заедно.
„Вакцините ќе имаат одреден ефект врз новата варијанта, а се појавуваат и нови лекови кои речиси сигурно нема да бидат засегнати од мутациите во новата варијанта“
додава биологот Нејсмит.
Новиот сој на вирусот – Б.1.1.529 во Јужноафриканската Република е дијагностициран кај вкупно 77 лица, а првите случаи се регистрирани и во Боцвана, како и во Хонгконг и Израел.
Денеска итен состанок ќе одржи и Светската здравствена организација (СЗО) на кој ќе се разговара за тоа дали новиот вид треба да се дефинира како нешто што предизвикува „загрижување“ или како варијанта „од интерес“. Алармот го вклучи и Европската комисија од каде што предложија итна забрана за летови од регионот на Јужна Африка.