Системот „Мој тремин“ ќе ја има клучната улога во спроведувањето на вакцинацијата, која според најавите на министерот за здравство Венко Филипче треба да започне во февруари.
„Повикувањето ќе се одвива преку системот ‘Мој термин’. Во првата група се здравствените работници кои работат со ковид пациенти, потоа вработените во лабораториите, каде што се врши дијагностиката и најстарите граѓани над 70 години кои се во ризична група согласно нивните хронични дијагнози“,
рече Филипче во интервју за ТВ21.
За вакцините, тој вели дека точно знаат каде ќе се чуваат, без разлика дали е вакцина на „Фајзер“ која се чува на -70 степени или станува збор за останатите вакцини.
Тој вели дека има на залиха од лековите Ивермектин и Клексан. Посочи дека е зголемена побарувачката за Клексан, но оти постојано ги зголемуваат и залихите.
Македонските власти се во преговори за набавка на вакцини против ковид-19 од кинеските производители „Синовак“ и „Синофарм“. Како што најави вчера во емисијата „360 степени“ министерот за здравство, Венко Филипче, се чекаат детали во однос на договорот, во однос на цената и испораката.
Тој денеска рече дека станува збор за 200 илјади дози кои се очекува да пристигнат од Кина.
„Сите 200 илјади дози треба да стигнат веднаш, а тоа што го чекаме како детали овој период којшто е пред нас е точното време во кое треба да пристигнат“,
изјави Филипче за телевизија Сител.