Вадефул, според пишувањата на „Политико“, се осврнал и на геополитичките противници и ривали кои се натпреваруваат со ЕУ за влијание во регионот

Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, ги повика земјите од ЕУ да ги исполнат ветувањата за проширување кон Западен Балкан, предупредувајќи дека се загрозени кредибилитетот на Унијата и нејзиното влијание во регионот, пренесува „Политико“.
„Се наоѓаме на крстопат во процесот на проширување на ЕУ“,
рекол Вадефул во изјава за новинарите по состанокот во Црна Гора, одржан во рамките на Берлинскиот процес.
Вадефул додал дека ЕУ уште на самитот во Солун во 2003 година прогласила оти Западен Балкан припаѓа во блокот. Во критички осврт кон напорите на самата Германија, тој додава дека поранешната канцеларка Ангела Меркел го покренала Берлинскиот процес 11 години подоцна, во 2014 година, за да го забрза процесот, но дека и по 12 години, сè уште нема успех.
„Не успеавме да го исполниме ветеното. Навистина би сакал да ги повикам сите да им покажат дека ветувањето од Солун било реално, дека сме кредибилни и дека Европа е сигурен партнер“,
рекол министерот.
Вадефул, според пишувањата на „Политико“, се осврнал и на геополитичките противници и ривали кои се натпреваруваат со ЕУ за влијание во регионот.
Слично предупредување упатила и австриската политичарка Беате Мајнл-Рајзингер.
„ЕУ мора да сфати дека времето истекува. А на глобално ниво, времето истекува многу брзо. Веќе не можеме да си дозволиме да заглавиме во бирократски, а досега и технократски процеси“,
изјавила таа во интервју за „Политико“.
Таа смета дека ако се попушти макар и за милиметар, други странски сили веднаш ќе се појават и ќе го искористат тоа.
Црна Гора е во првите редови на процесот на проширување на ЕУ, со цел да стане 28-та земја-членка на Унијата во 2028 година.
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, ги пофали реформските напори на земјата, истакнувајќи дека веќе се затворени 18 од 33-те преговарачки поглавја за пристапување кон ЕУ, а се очекува овој месец да бидат затворени уште неколку.
„Постои реална можност Црна Гора да ги заврши преговорите до крајот на оваа или на почетокот на следната година“,
изјави таа иако процесот на ратификација потоа би траел уште една до две години.
Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ, изјавил пред новинарите дека неговата влада спровела бројни реформи, додавајќи оти граѓаните сега мора да можат да ги почувствуваат придобивките од членството во ЕУ.
