Собирот ќе започне во 12 часот на пладне, на раскрсницата на булеварот „Партизански одреди“ пред „Сити мол“, каде и се случи сообраќајната несреќа во која животот го загуби 24-годишната Викторија, а беше удрена од возило додека поминуваше на пешачки премин
Оваа недела, на 30 јануари, точно на пладне ќе се одржи едночасовен мирен собир на раскрсницата на булеварот „Партизански одреди“ пред „Сити мол“, каде животот го загуби 24-годишната Викторија во тешка сообраќајна несреќа.
Одржувањето на собирот е најавено преку социјалната мрежа Фејсбук каде се вели оти собирот ќе се одржи „во знак на револт кон сообраќајното насилство и начинот на кој се третирани пешаците и сите учесници во сообраќајот“, и на достоен начин ќе се оддаде почит кон загинатата Викторија, но и кон сите жртви во сообраќајот.
„Нашата цел е единствена, а тоа е да се стави крај на безобзирното возење по улицте во државата и да ја подигнеме свеста на учесниците во сообраќајот дека нашите деца, а и самите ние треба да се движиме слободно на пешачките зони и по тротоарите, затоа што тоа е единственото место каде што пешаците треба да се чувствуваат слободно. Викторија е последната жртва од ваквото дивеење, да не се повтори, да не се дозволи“,
стои во објавата на Фејсбук каде е најавен собирот за в недела.
https://www.facebook.com/events/459349008965154/?ref=newsfeed
Сообраќајната несреќа се случи пред една недела на раскрсницата на булеварот „Партизански одреди“ кај „Сити мол“, кога Викторија заедно со момче на нејзина возраст поминувала на пешачки премин, по што биле удрени од патнички автомобил „ситроен Ц4“ со кого управувал 22-годишник.
По ударот, девојката починала на лице место, а момчето се здобило со полесни телесни повреди.
По предлог на Јавното обвинителство, судија на претходна постапка донесе решение за мерка притвор во траење од 30 дена за 22-годишниот возач кој ја прегази две години повозрасната Викторија, поради постоење на опасност од бегство, влијание на сведоци и можност да го повтори делото.