Вечерва официјално ќе се пушти во употреба новото осветлување на патеката за ноќно скијање на што ќе присуствува и министерот Бектеши кој зборувајќи за развојот на Попова Шапка рече дека сè уште се разгледуваат понудите кои се однесуваат и на јавно-приватно партнерство, но и на целосна приватизација како и друг вид на понуди
Ќе се прави идеен проект за жичница од Тетово до Попова Шапка, за кој се предвидени пари во буџетот на ЕЛЕМ Турс за наредната година, најави денеска директорот Адем Авзиу. Тој вели дека се во постојана комуникација со министерот за економија Крешник Бектеши и дека станува збор за огромен проект.
„Јас можам да најавам дека веќе за годишниот план за јавни набавки за 2022 година има предвидено средства околу идејниот проект за жичарницата. Тоа е огромен проект, голема инвестиција за којашто треба и поголеми средства и време за реализација бидејќи не е едноставно, тоа е многу сериозна и обемна работа“,
изјави Авзиу.
Според неговата изјава, во наредниот период се очекуваат и понуди за вештачки снег.
„За вештачкиот снег имавме претставници на фирма од Италија. Ги очекуваме нивните првични понуди и проценки за воведување на вештачки снег на ски-стазите ’Поток 1‘, ’Поток 2‘ и ’Аеродром‘. Договорени бевме до крајот на месец декември да имаме првичен предлог колку би можело тоа да чини и како би можело тоа да се реализира“,
вели Авзиу.
Вечерва, на Попова Шапка ќе се пушти во употреба и системот за осветлување на новата патека „Аеродром“ за ноќно скијање која е долга околу два километри, а е поврзана и со останатите патеки.
На официјалното пуштање во употреба ќе присуства и министерот Крешник Бектеши, кој зборувајќи за развојот на ски-центарот на Попова Шапка рече дека сè уште се разгледуваат понудите кои се однесуваат и на јавно-приватно партнерство, но и на целосна приватизација како и друг вид на понуди.
Комисијата која е формирана за развој на Попова Шапка, рече Бектеши, е во функција и редовно има состаноци.
„Ние веќе имаме неколку понуди во однос на Попова Шапка, но не само за Попова Шапка во делот на ски-центрите и развивање на ски-центрите во нашата држава се разгледуваат сите опции, се разгледуваат нивните бизнис планови, нивните понуди, а сериозна Влада, сериозен менаџмент како што е менаџментот на ЕЛЕМ Турс не ги чека само да се заокружи тој процес, но паралелно со тоа инвестира со можностите што ги има се со цел да ја зголеми вредноста на Попова Шапка бидејќи Попова Шапка е на сите граѓани на нашата држава, посебно на граѓаните кои гравитираат во склоп на Полошкиот регион и Општина Тетово“,
рече Бектеши.