Карактеристично за вчерашните пожари, како што информираат од ЦУК, е тоа што сите биле пријавени во попладневните часови. Во пожарите била зафатена сува трева, ниска вегетација, мешана и борова шума, како и прагови на железничка пруга, поради што железничкиот сообраќај на релација Скопје-Битола-Скопје е во прекин
Утрово околу 7 часот бил пријавен пожар на територијата на Општина Крива Паланка, кај селото Градец, каде што, според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК), горат сува трева и борова шума.
Според известувањето што стигнало до ЦУК од Регионалниот центар во Куманово, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Крива Паланка со четири пожарникари и со едно противпожарно возило интервенира се справува со огнот кај селото Градец.
Од ЦУК апелираат до граѓаните да се воздржат од палење огнови на отворено и да не палат отпадоци дури и во нивните дворови бидејќи ветерот многу лесно може огнот да го пренесе на околната вегетација која е многу сува и многу нарасната оваа година.
Инаку, според информациите од Центарот, во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 33 пожари во 23 општини во земјава. Триесет од нив се изгаснати, а три сè уште се водат како активни до утрово.
Карактеристично за вчерашните пожари, како што информираат од ЦУК, е тоа што сите биле пријавени во попладневните часови.
„До пладне немало пријавено пожари – нивното појавување почнало од 13:15 часот. Тогаш наеднаш се пријавени три пожари: два во Скопско и еден во Струмичко, а поголемите пожари почнаа на крајот на денот и доцна во ноќта, а последниот вчерашен беше пријавен во 23.20 часот – пожарот над селото Новоселани во правец кон село Лепопелци во Општина Чешиново-Облешаво“,
велат од Центарот за управување со кризи.
Во вчерашните пожари гореле сува трева, ниска вегетација, мешана и борова шума, како и прагови на железничка пруга.
„Конкретно, во пожарот што започнал околу 14:30 часот и се уште е активен, кај село Слепче во Општина Долнени била зафатена ниска вегетација, грмушки и дел од праговите на железничката пруга. Заради опожарување на железничките прагови, а и заради работа за промена на истите, железничкиот сообраќај Скопје – Битола – Скопје, не се одвива. Покрај овој пожар, активни се уште два – во Општина Прилеп, кај село Алинци, каде што горела сува трева и ниска вегетација и во Општина Сарај, кај село Радуша при што прво горела депонија, а потоа пожарот се раширил на околната вегетација“,
информираат од ЦУК.