Летовите се од Загреб и Ла Валета, за што билетите ги плаќаат самите патници, а нивниот престој во карантин на товар на државата
Утре со два авиони кои полетуваат во 12 часот, едниот од Загреб, вториот од Ла Валета – Малта, в земјава ќе пристигнат првите наши државјани кои поради состојбата со коронавирусот останаа заглавени во странски земји, за кои Владата организира хуманитарни летови до дома. 373
Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Зоран Попов во изјава за Телма вели дека на повикот кој беше затворен на 22 март се пријавиле 5 250 граѓани, но само 2 900 се согласиле да се вратат во земјава, со тоа што задолжително да одат во државен карантин и ќе ја платат цената на авиобилетот.
Попов вели дека цената на билетот зависи од капацитетот на авионот и пополнетоста на авионот, а за првите два лета тендерот го добил Визер кој понудил најниска цена. Од Загреб утре ќе пристигне ербас со 230 седишта, за што доега се пријавени 226 граѓани, а од Ла Валета ќе пристигне ербас со 180 седишта, а пријавени се 147 лица.
Попов истакнува дека сите граѓани кога ќе влезат во земјава ќе одат веднаш во државен карантин од 14 дена за што секој од тие кои се согласиле потпишале и писмена изјава.
„Согласно досегашните искуства имавме неколку успешни акции, со Црна Гора, со Турција, со Словенија денеска, со Словенија дел од автомобилскиот конвој, а ќе има и лет. Функционира беспрекорно и без проблеми, државата има организирано соодветни капацитети, тие граѓани се преземаат на граничните премини и се носат во државен карантин“,
вели Попов за Телма копј потенцира дека оваа акција пред се е за затекнатите наши граѓани во странство, а не и граѓаните кои имаат регулиран престој.
Најголем број од барањата, или 95% (4 850 барања) се од Европа, додека 350 барања се од Северна Америка, Ј ужна Америка, Австралија, Азија и Африка. Попов вели дека во однос на летовите од Европа постапката е поедноставна, додека за прекуокеанските дестинации таа е покомплицирана и најверојатно ќе биде во соработка со соседните земји и земји членки на ЕУ, кои испраќаат летови да ги соберат своите граѓани од тие дестинации.