Најавувајќи го распуштањето на парламентот, спикерот Ивица Дачиќ рече дека овој состав до денеска донел 265 закони, како и уставни измени
Србија оди на предвремени парламентарни избори. Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, најави дека утре ќе се распушти парламентот и ќе бидат распишани предвремени избори.
Дачиќ истакна дека овој состав на парламентот донел 265 закони, почнувајќи од 3 август 2020 година.
„За време на овој мандат, без разлика на приговорите и сомнежите, Собранието успеа да донесе неколку акти, многу важни за иднината, а еден од нив е и промената на Уставот“,
рече Дачиќ на крајот од последната седница на српскиот парламент во овој состав.
Тој посебно го истакна успешниот меѓупартиски дијалог, кој резултира со учество на сите партии на изборите, јави Бета.
Последните парламентарни избори во Србија се одржаа во јуни 2020 година, без учество на поголем дел од опозициските партии. Уште тогаш, прогласувајќи победа на неговата СНС, српскиот претседател Александар Вучиќ, најави дека за две години ќе има нови парламентарни избори, заедно со редовните претседателски избори.