Средбата доаѓа како резултат на новата криза на релација Приштина – Белград, која настана откако припадниците на српската заедница на северот од Косово ги напуштија косовските институции противејќи се на одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата со КМ ( Косовска Митровица) таблички издадени од властите на Србија

Утре најверојатно ќе има средба меѓу премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, информираат од косовската Влада за балканскиот сервис на РСЕ.
Оваа средба доаѓа како резултат на новата криза на релација Приштина – Белград, која настана откако припадниците на српската заедница на северот од Косово ги напуштија косовските институции противејќи се на одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата со КМ ( Косовска Митровица) таблички издадени од властите на Србија.
Овие таблички се нелегални за Косово, но досега се толерирани во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово: Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.
Претходно и косовскиот премиер Курти потврди дека преговорите по ова прашање се во тек, но дали ќе бидат успешни треба да се види во наредните денови.
Во меѓувреме, портпаролот на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Петер Стано, изјави дека Курти и Вучиќ биле поканети на средба во Брисел за да се најде решение за табличките.
„Итно ги поканивме двете страни во Брисел да се најде европско решение за сегашната ситуација, која е најсериозна од 2013 година, а целта е да дојдеме во Брисел да разговараме за решението“,
рече Стано.
Како што беше соопштено вчера, средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ќе се одржи во недела на 20 ноември или најдоцна во понеделник на 21 ноември.
Точниот датум ќе зависи од потврдата на лидерите, односно според европски извори од логистиката и достапноста на страните.
Ако средбата се одржи во недела, таа ќе биде попладне, а ако се помести за понеделник, тогаш лидерите би се сретнале наутро.
Средбата на двајцата лидери ќе се одржи пред почетокот на примената на одлуката на косовските власти за казни за сопствениците на возила со српска регистрација.
Односите меѓу Белград и Приштина се затегнати поради неодамнешната одлука на косовската влада да започне со спроведување на одлуката за укинување на регистарските таблички издадени од српските власти за возилата што главно ги користат Србите на северот на Косово.
Шефот на европската дипломатија Борел оцени дека ова е „најсериозната криза од 2013 година“.
Претставниците на меѓународната заедница побараа од официјална Приштина да го одложи спроведувањето за десет месеци, што косовските власти го одбија.
Разочарување од оваа постапка изразија и претставниците на ЕУ и САД.