За предложената кандидатка Татјана Васиќ Бозаџиева, предложена од власта, денеска зборуваа главно пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои, изнесуваа тези зошто таа не треба да биде избрана на оваа функција, а еден од аргументите беше дека таа е блиска до владејачката СДСМ
Според најавите, седницата ќе продолжи утре во 14 часот
Попладнево заврши расправата во Комисијата за прашања на изборите и именувањата за предлог-кандидатката за уставна судијка, Татјана Васиќ Бозаџиева, третиот од вкупно девет кандидати за уставни судии. Според најавите, седницата ќе продолжи утре во 14 часот.
За предложената кандидатка Татјана Васиќ, предложена од власта, денеска зборуваа главно пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои, изнесуваа тези зошто таа не треба да биде избрана на оваа функција, а еден од аргументите беше дека таа е блиска до владејачката СДСМ.
„Во Република Македонија се знае дека оние кои се достојни да бидат на едни вакви позиции треба да бидат угледни граѓани. Не може некој кој што менувал функција и позиција на секои шест месеци, кој ги прошетал сите министерства и бил блиско лице од доверба на секој еден министер наеднаш да стане уставен судија. Можеби ја знае добро администрацијата, но не може да биде уставен судија, да правораздава во највиското судско тело од целиот правен систем“,
рече заменик координаторката на ВМРО-ДПМНЕ пратеничката Ели Панова, според која со ваков избор на кандидати власта покажува дека не сака подобрување на судството.
Пратеникот Панчо Минов, пак, кој е дел од парламентарното мнозинство во реплика на еден од говорниците од ВМРО-ДПМНЕ побара од опозицијата да не ги омаловажуваа кандидатите за судии туку да се фокусираат на изборот на уставни судии со цел Уставниот суд да профункционира во полн капацитет.
Денешната расправа за предлог-кандидатката за уставна судијка Татјана Васиќ Бозаџиева е прва откако пратениците се вратија во Собранието по колективниот летен одмор.
Од деветемината предложени кандидати за уставни судии, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата треба да утврди три предлози кои потоа ќе треба да бидат изгласани и на пленарна седница. Досега расправата заврши само за двајца кандидати: апелацискиот судија Фатмир Скендер, кој е предлог на власта и доби мнозинство гласови „за“ во Комисијата, и за професорката Родна Живковска, која е предлог на ВМРО-ДПМНЕ и која не ја доби поддршката од собраниското тело.
Освен за Васиќ Бизаџиева, треба да се дебатира и за предлогот на СДСМ републичкиот обвинител Љубомир Јовески да стане уставен судија, како и за преостанатите пет предлози од опозицијата: пензионираниот професор Саво Климовски, шефот на Вишото обвинителство Штип, Тодор Витларов, охридскиот обвинител Воислав Димоски, управната судијка од Битола, Весна Јовановска и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.