Претседателот Синдикатот на Клиничкиот центар предупредува дека има напластени проблеми што можат да придонесат актуелната криза со платите да прерасне во штрајк
Утрешната пауза, од 13 до 13:30 часот, дел од вработените во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје ќе ја искористат за предупредувачки протест. Причината е доцнењето на платите за здравствените работници поради хакерскиот напад што го блокира Фондот за здравствено осигурување.

„Знаете како, банките не прашуваат зошто доцни платата. Значи, имаме притисоци, треба да се платат кредити, треба да се платат други давачки, треба да се организира сето тоа“,
изјави Рената Ѓаконовиќ, претседателка на независен синдикат на ГОБ „8 Септември“.
За разлика од предупредувачкиот протест што го најави независниот синдикат, репрезентативниот синдикат во ГОБ „8 Септември“ сè уште нема изградено конечен став за ова прашање. Канал 5 јавува дека тие ќе имаат состанок утре напладне, по што ќе одлучат како ќе постапат.
Доколку нема плата утре, како што најави Фондот за здравствено осигурување во петокот, протести најавува и Синдикатот на Клиничкиот центар. Претседателот на оваа организација, Горан Беговиќ, предупредува дека има напластени проблеми што можат да придонесат актуелната криза со платите да прерасне во штрајк.

„Ќе почне в среда, ќе биде в четврток и в петок. Доколку и понатаму нема разбирање за состојбата на нашите вработени и дека треба да се исплати плата, сето тоа може да ја влоши состојбата и да доведе до еден општ штрајк. Нешто што ние не би го посакувале, но доколку работите излезат од контрола, тие протести најверојатно на крајот ќе завршат со штрајк“,
изјави Горан Беговиќ за ТВ Алфа.
Премиерот Димитар Ковачевски и денеска повтори дека пари за плати има, но дека сè уште е проблематично да се исплати личниот доход поради хакерскиот напад врз системот на Фондот за здравствено осигурување. Кажа и дека на проблемот се работи со земји партнери од НАТО.
Една од опциите што ги разгледува Владата е здравствените работници да бидат исплатени директно преку Министерството за финансии, а потоа Фондот, кога ќе се реши проблемот, да ги врати парите.