За делото за кое се гони ексдиректорот на УБК настапува апсолутна застареност во април годинава. Тоа значи дека и во случај тој повторно да биде прогласен за виновен од првостепениот суд, за да ја отслужи казната евентуалната осудителна пресуда ќе треба да ја потврди и Апелација до каде странките имаат право да поднесат жалби
Основниот кривичен суд Скопје утре ќе изрече нова пресуда за случајот „Титаник 2“ во која меѓу обвинетите се ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
Со првата пресуда изречена на 8 март 2019, обвинетите беа осудени на затворски казни, меѓутоа во декември истата година Апелацискиот суд во Скопје ја укина пресудата и го врати случајот на повторно судење.
Случајот своевремено го покрена СЈО, кое отвори истрага на 12 февруари 2016, а поднесе обвинение на 29 јуни 2017 година. Тој се однесува на договарање за гласање во Државната изборна комисија (ДИК) за приговор на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во Струмица во 2013 година.
Покрај Мијалков и Тачи, обвинети се и тогашните членови на ДИК, Бедредин Ибраими од ДПА, како и Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Со првата пресуда, Мијалков доби три години затвор, Тачи три години и два месеци. Највисока затворска казна од четири години и шест месеци доби Ибраими, а останатите членови на ДИК беа осудени на по три години.
Сите се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања, освен Мијалков, кој е обвинет за примање награда за противзаконито влијание.
За делото за кое се гони ексдиректорот на УБК настапува апсолутна застареност во април годинава. Тоа значи дека и во случај тој повторно да биде прогласен за виновен од првостепениот суд, за да ја отслужи казната таа треба да биде правосилна односно за неа да се изјасни и Апелација доколку странките поднесат жалби.