Случајот „Титаник 2“, каде што меѓу обвинетите се ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, се враќа на повторно судење во Основниот кривичен суд.
Ваква одлука, според неофицијални информации, донесе Апелацискиот суд во Скопје.
Досега адвокатите што ги контактираше „360 степени“ не добиле официјално решение, а од Апелацискиот суд, пак, велат дека до крајот на неделата ќе излезат со официјално соопштение.
Случајот во Основниот кривичен суд во Скопје го водеше судечки совет на чело со судијата Огнен Ставрев, а во советот беа и судијата Осман Шабани и тројца поротници.
Со првостепената пресуда, која со одлуката на Апелација се укинува за сите обвинети, Мијалков доби 3 години затвор, а на 3 години и 2 месеци беше осуден Мендух Тачи.
Најголема затворска казна доби поранешниот член на ДИК, предлог на ДПА, Бедредин Ибраими – 4 години и 6 месеци, додека членовите на ова тело од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, добија по три години затвор.
Овој случај го покрена СЈО, кое отвори истрага на 12 февруари 2016, а покрена обвинение на 29 јуни 2017. Пресудата, пак, беше изречена на 8 март годинава. Првично беа опфатени и петмина судии на Управниот суд кои се повикаа на имунитет, а обвинението за нив отпадна.
„Титаник 2“ се однесува на договарање за гласање во ДИК во врска со приговор на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013 година.