Во Кабинетот на претседателот „Вила Водно“ утре со почеток во 13:30 часот ќе се одржи седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
На седницата, покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот Стево Пендаровски, ќе присуствува д-р Жарко Караџовски од Комисијата за заразни болести.
Се очекува на седницата да се расправа за евентуално продолжување на вонредната состојба.
Министерот Венко Филипче најави дека ќе биде побарано продолжување на вонредната состојба, но не прецизираше дали ќе се бараат нови 30 денови, или помалку.
Вонредната состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 16 април истекува во сабота. Вонредната состојба поради коронавирусот, првично беше прогласена на 18 март, по што беше донесена уште една одлука за нови 30 дена.
Двете одлуки на претседателот Пендаровски за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието, поради тоа што тоа беше распуштено.