Во изборниот натпревар, според статистиката на ДИК, влегуваат близу 11 илјади кандидати за градоначалници и советници во 80 општини во земјава и градот Скопје.
Официјалната кампања за локалните избори, чиј прв круг е закажан за 17 октомври, почнува утре.
Во изборниот натпревар, според статистиката на ДИК, влегуваат близу 11 илјади кандидати за градоначалници и советници во 80 општини во земјава и градот Скопје.

Според статистичките податоци на ДИК, во трката за градоначалничко место учествуваат 301 кандидат, со апсолутна доминација на машкиот пол, односно само 8,31 отсто од кандидатите се жени. Најмногу кандидати има за Скопје – 12, а потоа се Струга и Долнени, со по осум кандидати, додека во десетина општинини има само по двајца претенденти за градоначалничка функција. Независни се 24 кандидати,

Над 10 600 кандидати се вклучени во трката за советничко место, а од нив 675 кандидати на 15 листи се во игра за советници во град Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа, чиј Совет брои 45 члена. Најмалку листи, само две, со вкупно 18 кандидати, има во Вевчани.

На претстојните избори, право на глас имаат 1 824 864 граѓани, запишани во изводите од Избирачкиот список што ДИК го заклучи во петокот.
На овие избори првпат за идентификација на гласачите ќе се користат скенери за отпечатоци, а предвидена е и можност за гласање со истечени лични документи, како и ако лицето не е првично запишано во Избирачкиот список, ама ги исполнува условите да го реализира правото на глас.
И овие избори, трети по ред по ланските предвремените парламентарни избори и дополнителните избори за градоначалници на Штип и на Пласница, се организираат со ковид-протоколи, а предвидено е и гласање во изолација.
Спикерот Талат Џафери ги распиша локалните избори на 7 август, така што, веднаш по завшувањето на одморите во август, значително се вжешти атмосферата во политичката арена во земјава, како увертира во официјалната изборна кампања која почнува утре, откако претставници на учесниците на изборите го потпишаа кодексот за фер и демократски избори.
Кампањата пред првиот изборен круг треба да заврши на 15 октомври, кога на полноќ почнува изборниот молк, додека вториот круг за кандидатите за градоначалници ќе се одржи на 31 октомври, во општините каде што ќе нема победник по првиот круг гласање на 17 октомври.