Судијата известител Дарко Костадиновски предложи да се поведе постапка, односно во следната фаза да се оценува уставноста на три члена кои опфаќаат податок националност во матичните книги на родените, венчаните и умрените од Законот за матичната евиденција, но овој предлог не го доби потребното мнозинство, што значи предметот останува отворен и понатаму, велат од Уставниот суд

Уставниот суд на денешната седница не донесе одлука за иницијативата на политичката партија Левица за оценување на уставноста на Законот за матична евиденција.
„Судијата известител Дарко Костадиновски предложи да се поведе постапка, односно во следната фаза да се оценува уставноста на три члена кои опфаќаат податок националност во матичните книги на родените, венчаните и умрените од Законот за матичната евиденција, но овој предлог не го доби потребното мнозинство, што значи предметот останува отворен и понатаму. Согласно Деловникот на Уставниот суд одлука се носи со најмалку пет гласа ‘за’“,
информираат од Уставен суд.
Оттаму додаваат дека денеска Судот дискутирал по предмет во кој се опфатени делови од три члена од Законот за матична евиденција, што е различен од предметот во кој е оспорено Упатството за водење на матични книги и во кој во сила останува т.н. времена мерка, односно запирање на извршување на поединечни акти кои произлегуваат од конкретното Упатство, се додека Уставниот суд не донесе конечна одлука во тој случај.
Политичката партија Левица оспорува повеќе членови од постоечкиот Закон за матична евиденција, со кои е предвидено националност да се запише во матичната книга на родените, во матичната книга на венчаните и во матичната книга на умрените.
Од Уставниот суд информираат дека се оспорени три члена од Законот, односно зборот националност во изводите, каде што покрај основните податоци за раѓање, живеалиште се додава и националноста на новороденчиња, на венчаните и на умрените.
Претходно, на 29 мај годинава, Министерството за правда донесе упатство за водење на матичните книги со кое е предвидено во изводите од матичните книги да има и графа за етничката припадност, односно националност.
Уставниот суд на седница одржана на почетокот на овој месец со времена мерка го стопира упатството за издавање на лични документи со графата за етничка припадност, што значи дека Управата за матични книги нема да издава извод на родени во кој ќе биде впишана графата националност се додека Уставниот суд не донесе конечна одлука дали е тоа уставно или не. По донесувањето на оваа одлука, министерот за правда најави дека ќе донесе ново упатство, без да ја смени содржината, со кое правно ќе ја негира одлуката на Уставниот суд.
Од Министерството за правда преку соопштение тврдат дека упатството со кое се воведе графа за етничката припадност во изводите од матична евиденција не е противзаконско.
Поранешната министерка за правда Рената Дескоска се изјасни дека графата за националност во изводот не е законска, односно дека за етничката припадност нема место во изводите.
Според неа, етничката припадност се пишува во матичната книга, но не сè што е напишано во матичната книга треба да стои и во изводите.
Во меѓувреме, од понеделникот (18.7.2023) Управата за водење на матична евиденција продолжи да издава изводи без графата националност, односно како што беше пред министерот Кренер Лога да го воведе упатството.