ТВ „Телма“ јавува за заседание на колегиумот на уставните судии в среда, а не и за ставање на ваква точка на дневен ред на седница на Уставниот суд, што вообичаено се случува секоја среда
Судии во Уставниот суд планираат да им предложат на своите колеги да покренат иницијатива по службена должност за укинување на одлуката за распуштање на Собранието, бидејќи сметаат дека е беспредметна, јави „Телма“.
Образложението е дека одлуката за распуштање на парламентот не ја оствари целта поради која беше изгласана, односно не резултираше со предвремени избори на 12 април.
„Телма“ јавува за заседание на колегиумот на уставните судии в среда, а не и за ставање на ваква точка на дневен ред на седница на Уставниот суд, што вообичаено се случува секоја среда, исто така. Ако предлогот биде прифатен, тоа би значело дека ќе се острани правната пречка за свикување на парламентот, заклучува „Телма“.
Според извештајот на телевизијата, прва задача на пратениците, доколку се вратат во Собранието, ќе им биде да ги потврдат двете одлуки на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба, како и да се озаконат уредбите на Владата донесени за време на пандемијата.
За свикувањето на Собранието иницијатива покрена СДСМ, но ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сметаат дека оваа одлука треба да се носи со политички консензус. Опозицијата смета дека на овој начин власта сака да ги озакони „незаконските уредби донесени за време на пандемијата кои не се поврзани со ковид-19“. ДУИ пак, според изјавите на пратеникот Артан Груби, смета дека за тоа треба да се изјасни Уставниот суд.
Според собранискиот спикер Талат Џафери, пак, секој друг начин за свикување на Собранието, освен по следните избори, е обид за пуч.
Инаку, на 15 април Уставниот суд ја разгледуваше Одлуката за распуштање на Собранието од 16 февруари, но не поведе постапка, бидејќи беше констатирано дека од формален аспект, Уставот не бил прекршен бидејќи пратениците имаат право да го вратат мандатот. Сега, според „Телма“, би се концентрирал на прашањето за тоа што парламентот се распушти за да се избере нов состав на Собранието, а тоа не се случи.
Во меѓувреме, судот работи и на иницијативите поврзани со уредбите на Владата, од кои оспорени се вкупно 150 уредби, најголем дел од Светскиот Македонски Конгрес.
Остри реакции во јавноста предизвика и одлуката на Уставниот суд, со која се времено се стопираше владината уредба со која државните функционери, судиите и обвинителите, два месеца требаше да земаат минимална плата. По критиките во јавноста, дел од уставните судии најавија откажување од дел од својата плата во прилог на фондот за борба со ковид-19.