„Собранието морало да води грижа кога ја формирало казнената политика бидејќи тоа е несомнено уставно овластување и надлежност на законодавецот. Носењето ваков закон е правно неоправдан“, вели Костадиновски
Уставниот суд поведе постапка за оцена на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик од 2023 година.
Судот, како што рече претседателот Дарко Костадиновски, изразува сериозен сомнеж за уставноста на оспорениот закон во целина.
Судот на денешната седница донел одлука да му наложи на Собранието во рок од шест месеци да ги направи неопходните измени и да се усогласи со аргументите на Судот кои се во решението.
„Квалификациите на дел од судиите во однос на оспорениот закон беа дека бил штетен по правниот поредок, штетен со далекусежни последици. Мојата квалификација е дека законодавецот донел закон со непоправлива штета за правната држава и стојам на тој став“,
рече Костадиновски на прес-конференција по денешната седница на Уставниот суд.
При расправата за одлучувањето Костадиновски рече дека доминирале два сета уставно-правни аргументи – првиот поврзан со формалната уставност на законот, вториот сет со материјалната уставност на законот.
„Мнозинството судии и по двата основи оцени дека основано може да се доведе под сомнеж уставноста на законот во целина. Во поглед на формалната уставност слушнавте дел од аргументите употребата или злоупотребата на европското знаменце, отсуството на образложение, различен вакацио легис итн.“,
рече Костадиновски.
Според Костадиновски, во поглед на материјалната уставност неспорно е дека Собранието има уставна надлежност и уставно овластување да ги нормира општествените односи или веќе нормираните да ги изменува и да ги дополнува.
„Мој личен став е дека при нормирањето или при измена и дополнување на веќе нормирани односи во општеството и Собранието, исто како и Уставниот суд, имаат должност да водат сметка за она што се нарекува реален Устав, непишан Устав, она што значи уставна стварност, општествена стварност во која живееме“,
рече тој.
За жал, како што рече Костадиновски, по оцена на судиите, Собранието се апстрахирало од ваквата реалност кога го донел оспорениот закон.
„Собранието морало да води грижа кога ја формирало казнената политика бидејќи тоа е несомнено уставно овластување и надлежност на законодавецот. Носењето на ваков закон е правно неоправдан“,
вели претседателот на Уставниот суд.
Тој вели дека нема класична одлука за поведување на постапка која во втората фаза би резултирала или со укинување или со поништување на законот од причина да не настане правен вакуум во казнената политика.
Уставниот суд, рече Костадиновски, му дава уште една шанса на Собранието „да се коригира и покрај тоа што одлуката е класична и тоа претставува уставно-судска санкција и тоа на еден државен орган како што е законодавецот кој очигледно постапил неуставно и тоа е доволна санкција“.
„Но, за да не настанат штетни последици во судскиот систем при примената на КЗ и овие измени се одлучивме да му дадеме уште една шанса на Собранието од шест месеци да се усогласи со нашите стојалишта во случај тоа да не го стори ќе следува или укинувачка или поништувачка одлука на Уставниот суд, не можам уште од сега да го предвидам тоа, тоа е сепак одлука на Судот“,
нагласи Костадиновски.
Прашан од што ќе зависи одлуката дали ќе биде укинувачка или поништувачка, Костадиновски рече дека тоа ќе биде одлуката на судиите како ќе ја одмерат тежината на повредата на уставните повреди, значењето на таа повреда за слободата на правата на човекот, правната сигурност и низа други околности.
„Овој закон нанесе непоправлива штета на правниот поредок што е воспоставен врз основа на нашиот Устав и сите вредности за кои се залага тој Устав, не случајно кажав дека без разлика каква е нашата одлука дел од работите не може да се вратат назад“,
рече Костадиновски.
Измените на Кривичниот законик, кои Владата „тајно“ ги утврди и Собранието експресно ги донесе по скратена постапка (со европско знаменце), а претседателот Стево Пендаровски ги потпиша, се објавени во „Службен весник“ со датум 7 септември 2023.
Измените се однесуваат на 38 члена од Кривичниот законик, за кои власта рече дека 35 се за усогласување со директивите на ЕУ. Она што предизвика бура негативни реакции во јавноста е што измените опфатија промена на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353) и злосторничкото здружување (член 394). Со изгласувањето, пратениците ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а и укинаа еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со тоа предвидоа и порано застарување на делата.