Судот, кој оформи предмет по иницијативи поднесени од Левица, Хелсиншкиот комитет, Сојуз на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање не нашол дека оспорените одредби од Законот, со кои меѓу другото се уредува и прекувремената работа за проекти од стратегиско национално значење, се косат со Уставот
Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на три члена од измените и дополнувањата на Законот за работни односи, а кои беа донесени поради изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Имено, како што соопштија денеска од Уставен, не се прифатени наводите во иницијативите на политичката партија Левица, Хелсиншки комитет за човекови права, Сојуз на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање. Судот не нашол дека оспорените одредби од Законот, со кои меѓудругото се уредува и прекувремената работа за проекти од стратегиско национално значење, се косат со Уставот.
Меѓу оспорените одредби беше и членот 117-а, со кој е предвидено дека по исклучок за работа на проекти од стратегиско национално значење, а поради потребата од континуитет во работата, прекувремената работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно, по претходна писмена согласност на работникот.
Според уставниот суд, неосновани се и наводите дека не е предвидена горна граница на прекувремената работа.
„Таа е определена токму во ставот 2 на оспорениот член, односно дека работата над 40 часа неделно се смета и се плаќа како прекувремена работа, со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор во согласност со членовите 133 и 134 од Законот за работните односи. Токму овие членови го регулираат правото на дневен одмор, односно правото на работникот да има дневен одмор од 12 часа непрекинато меѓу два последователни работни дена и правото на работникот на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато“,
се вели во соопштението на Уставниот суд.
Во врска со писмената согласност од страна на работникот, од Уставниот суд посочуваат на членот 32 став 4 од Уставот, кој предвидува дека секој има право на платен дневен, неделен и годишен одмор и дека од тие права вработените не можат да се откажат.
„Токму формулацијата на оспорената законска одредба ‘ниту еден работник не може да биде распореден да работи прекувремена работа без негова согласност’, според Судот упатува дека прекувремените работни часови се негов избор, а не обврска. Писмената согласност претставува дополнителна заштита на работникот дека не може да му биде наложена прекувремена работа спротивно на неговата волја и над законскиот лимит. Во овој контекст Судот ја земаш предвид и Европската социјална повелба на Советот на Европа од 1961 година која ги гарантира социјалните и економски човекови права, и којашто во Македонија се применува од 2005 година. Според таа Повелба признато е правото на правична заработувачка, но и правото на зголемена заработувачка на работниците за прекувремена работа, со исклучок на некои посебни случаи“,
велат од Уставен.
Судот, исто така, оценил и дека оспорениот член 1 не е во спротивност со членот 32 од Уставот според кој правата на вработените се остваруваат со закон и колективен договор. Имено Уставен во конкретниот случај оценил дека не постои загрозување на правата од работен однос, затоа што тој член не се однесува на правото на работникот на плата.
Во однос на наводите за евентуално нарушување безбедноста и здравјето при работа на работниците, од уставен велат дека тие немаат надлежност да се впуштаат во расправа за претпоставени прашања. Според Уставен тие односи меѓу работникот и работодавачот се уредени со договори за работа, а должноста да проверува дали тие се почитуваат или не е на Државниот инспекторат за труд.
„Согласно член 117 став 6, работодавачот е должен за секое воведување на прекувремена работа претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор за труд што претставува посебна заштита на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење“,
се наведува во соопштението на Уставниот суд.

Измените и дополнувањата на вкупно пет закони поврзани со Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10-д Собранието ги донесе на 26 мај.
Најмногу контроверзии и реакции во јавната дебата предизвикаа токму измените на Законот за работните односи. Со нив се носи одредба со којашто ќе се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратегиски интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.
Останатите четири закони кои претрпеа измени поради Договорот со „Бехтел и Енка“ се: Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи, по скратена постапка; Закон за изменување и дополнување на Законот за експропријација, по скратена постапка; Закон за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка и Закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија.
