Одлуката за отфрлање на иницијативата, како што соопшти портпаролката на Уставниот суд, е согласно фактичката состојба на здружението, кое од март годинава е избришано од базата на податоци од Централниот регистар и повеќе не постои како правен субјект
Уставниот суд ја отфрли иницијативата на политичката партија Левица со која партијата ги оспори и бараше да се поништат Статутот и програмата на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола.
Одлуката за отфрлање на иницијативата, како што соопшти портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска, е согласно фактичката состојба на здружението, кое од март годинава е избришано од единствената база на податоци од Централниот регистар и повеќе не постои како правен субјект.

„Согласно овие информации, Уставниот суд воочи процесни пречки за да одлучува по иницијативата и со тоа исполнети се условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за да ја отфрли иницијативата“,
информираше портпаролката на Уставниот суд.
Левица ја поднесе иницијативата до Уставниот суд во која ги оспори и побара ништење на Статутот и програмата на бугарското здружение „Иван Михајлов“ во ноември минатата година, а предметот беше оформен кон крајот на 2022 година. Во иницијативата беше наведено оти дејствувањето на здружението е насочено кон уривање на уставниот поредок на земјава, а дека Статутот и програмата се спротивни на одредбите од Уставот и се насочени кон разгорување на национална или верска омраза и нетрпеливост.
Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола беше избришан од Централниот регистар откако одби да поднесе барање за смена на својот назив – нешто што го наложија измените во Законот за фондации и здруженија.
Законските измени, според кои бугарските клубови „Иван (Ванчо) Михајлов“ од Битола и „Цар Борис Трети“ од Охрид требаше да поднесат барање за смена на своите имиња, предвидуваат забрана граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх и сл.
Инаку, освен по иницијативата на Левица, Уставниот суд има оформено и предмет во кој се оспорува и се бара да се поништи Статутот и програмата на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид.
Подносител на иницијативата е адвокатот Тони Мекиновски, а во неа се оспоруваат актите на здружението за кои се вели дека насилно го уриваат уставниот поредок и ја разгоруваат националната омраза или нетрпеливост.