Хируршката интервенција, како што соопшти неврохирургот и поранешен министер за здравство Венко Филипче, била изведена кај млада пациентка која имала тумор
Неврохирургот и поранешен министер за здравство Венко Филипче денеска во објава на Фејсбук информираше дека со неговиот тим успешно извршиле операција на мозок на свесен пацеинт.
Како што напиша тој на социјалната мрежа, станува збор за прва ваква операција која се реализира во државата.
Хируршката интервенција била изведена кај млада пациентка која имала тумор.
„За прв пат во историјата на неврохирургијата во нашата држава, направивме awake brain surgery. Операцијата ја изведовме кај млада пациентка која имаше тумор блиску до центрите за говор и движење на десната рака и нога. Предноста на аwake brain surgery е поради неопходната соработка која хирургот ја има со пациентот додека трае операцијата“,
вели Филипче.
Тој во постот објаснува дека за да се отстрани максимална количина на тумор без да се оштетат центрите за говор и движење хирургот комуницира со пациентот. Мозочното ткиво не содржи рецептори за болка, па самиот тек на операцијата е безболен.
„Кај нашата млада пациентка операцијата помина одлично. Туморот е изваден до максималните можни граници и пациентката се чувствува добро. Им честитам на тимот анестезиолози предводен од д-р Весна Дурнев и упатувам благодарност до колегата д-р Игор Лазиќ од Клиниката за неврохирургија во Белград. Драго ми е што моите млади колеги имаа голем интерес и желба да бидат повторно мој верен тим во операционата сала“,
напиша Филипче на Фејсбук.