Седумнаесет нови случаи на воспаление на белите дробови предизвикано од новиот коронавирус регистрирани се во централниот дел на Кина.
Досега во градот Вухан идентификувани се 62 пациенти инфицирани со коронавирусот, од што веќе двајца починаа, а осуммина се во критична состојба.
Азиските држави и три аеродроми во САД воведоа посебен преглед на патниците кои пристигнуваат од централна Кина со цел да спречи ширење на овој нов, засега непознат тип на вирус, кој предизвика загриженост во светот поради смрноста.
Во Тајланд и Јапонија веќе се пријавени три случаи на пневмонија, кај лица кои пристигнале од Вухан. Инфицираните го посетиле локалниот пазар за риби, а нивните симптоми биле треска и кашлање.

Првата жртва на вирусот, што се појави во декември, исто така бил редовен купувач на рибниот пазар во градот и кај него и претходно биле дијагностицирани абдоминални тумори и хронична болест на црниот дроб.
Научниците нагласуваат дека досега не виделе таков вирус. Тестовите само покажуваат дека тој е коронавирус.
Вирусот првично се сметаше дека го пренесуваат животните, но СЗО соопшти дека веќе има докази за пренесување на болеста од човек на човек.
СЗО им наложи на болниците ширум светот да ја контролираат инфекцијата доколку таа се шири. Ова вклучува можност за „широко распространување“ кога неколку инфицирани пациенти можат да ја пренесат болеста на десетици други истовремено.
Загриженоста расте и поради претстојните патувања на Кинезите за кинеските новогодишни празници што почнуваат кон крајот на јануари, а кинеските власти очекуваат 440 милиони да патуваат со железница и уште 79 милиони со авион.