Информацијата за затворање на детскиот ургентен центар, пак, претходно ја објави Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека добиле реакции од здравствени работници. Од Клиниката, пак, бараат опозициската партија да не шири дезинформации бидејќи непотребно се создава неоснована загриженост и збунетост кај пациентите и нивните семејства
Универзитетска клиника за детски болести работи во полн капацитет и во рамки на неа во целост функционира Одделот за ургентна педијатрија, уверува в.д. директорката, докторката Стојка Нацева-Фуштиќ, откако претходно Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ објави дека единствениот ургентен центар за деца е надвор од функција.
„Во рамки на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести во целост е во функција Одделот за ургентна педијатрија со специјалистичко – консултативна дејност и токсикологија, во кој оддел како и во досегашното работење се згрижуваат сите итни случаи, на кои по укажаната итна прва помош се згрижуваат на соодветните одделенија или на Одделот за интензивна терапија“,
пишува во соопштение потпишано од Клиниката, потпишано од в.д. директорката Нацева-Фуштиќ, кое попладнево беше испратено до медиумите.
Од ВМРО-ДПМНЕ, претходно тврдеа дека за укинување на ургентниот центар била донесена одлука, а во дописот до медиумите од Клиниката, пак, наведуваат дека имало одлука, но таа се однесувала на тоа амбулантниот стационарен дел кој воопшто не се користел сега да служи како дневна болница. Причината, велат, е зголемениот прилив на деца и потребата од хоспитализација.
„Во услови на зголемен прилив на деца со акутни респираторни инфекции и бронхиолити, како и поради потребата за зголемување на капацитети за хоспитализација на пациенти, Стручниот колегиум на Клиниката за детски болести донесе одлука амбулантниот стационарен дел дополнително да се користи како дневна болница (за деца кои примаат некоја хронична терапија и престојуваат само неколку часа на клиника) и тие пациенти да не зафаќаат болнички соби. Истиот простор беше нефункционален повеќе од 5 месеци. ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести ја уверува јавноста дека и понатаму ќе ги згрижува, без исклучок, сите деца од целата држава кои имаат потреба од болничко лекување или специјалистичко – консултативна услуга“,
пишува во соопштението од Клиниката.
До ВМРО-ДПМНЕ, пак, оттаму порачуваат да не шири дезинформации бидејќи на тој начин не само што го нарушува угледот на Клиниката туку и се создава неоснована загриженост и збунетост кај пациентите и нивните семејства.
Комисијата за здравство на опозициската партија информацијата за затворање на ургентниот центар претходно ја објави на социјалните мрежи велејќи дека до нив реагирале здравствени работници.
„Единствениот ургентен центар за деца на Клиниката за детски болести повеќе не е во функција, а тука се третираа најтешките педијатриски случаи од целата држава. Тука се хоспитализираа најмлади пациенти за кои е потребна изолација и хоспитализација – деца со тешки инфекции, ургентни состојби во педијатријата, меѓу кои и стрептококен токсичен шок синдром, високо вирулентен сој на стрептокок кој во повеќе земји е со доста летални исходи. За оваа алармантна состојба, здравствени работници реагираат до Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ“,
објавија од Комисијата.
Оттаму апелираа до здравствените власти да се преиспита оваа одлука за која тврдеа дека е донесена и потсетија дека детскиот ургентен центар бил отворен токму за оваа функција и бил опремен со најсовремена опрема со помош на Турската меѓународна агенција за соработка и развој-ТИКА.