Обилните врнежи од дожд и невреме ќе погодат милиони луѓе во и околу Јужна Каролина во следните 24 часа
Ураганот Ијан стигна до копното во близина на Џорџтаун, Јужна Каролина околу 14 часот по локално време.
Издадено е предупредување за ураган за крајбрежната област долга околу 370 километри, од границата на Јужна Каролина и Џорџија сè до Кејп Феар во Северна Каролина.
Се очекува ураганот брзо да стане тропска бура.
Сепак, обилните врнежи од дожд и невреме ќе погодат милиони луѓе во и околу Јужна Каролина во следните 24 часа.
Претседателот Џо Бајден прогласи вонредна состојба во Јужна Каролина, откако истото го стори и за Флорида.
„Мојата порака до жителите на Јужна Каролина е едноставна – внимавајте на сите предупредувања и упатства од сите локални функционери“,
рече Бајден.
Претседателот нагласи дека ќе бидат потребни месеци и години за да се обнови уништеното.
„Нашите срца се со сите оние луѓе чии животи беа целосно уништени од невремето. Американското срце буквално се крши“,
нагласи претседателот.
Додека повеќе аеродроми во Флорида повторно се отвораат по ударот на ураганот, други аеродроми во југоисточниот и источниот брег се подготвуваат за пристигнувањето на ураганот.
Повеќе од 1 800 летови се откажани денеска низ целата земја.
Штетите на Флорида се уште се проценуваат, а не е познат конечниот број на загинати. Ен-би-си објави дека загинале 10 лица, а Си-ен-ен дека животот го загубиле 17 лица.
Повеќе од 2,3 милиони домови и деловни објекти останаа без струја по налетот на ураганот.