Од УПОЗ тврдат оти Владата нема да им го исплати предвиденото покачување на платите согласно најавеното зголемување на минималната плата. На протестот излегуваат и вработените во Фондот за здравство кои најавуваат и штрајк оти имаат најниски плати од сите органи на државната управа
Доколку вработените не добијат усогласување на платите, подготвени сме, кога на политичките партии и државата најмногу ќе им биде потребно, да прекинеме со обработка на податоци за Државна изборна комисија, да прекинеме со исплата кон сите јавни здравствени установи, да прекинеме прием и исплати на сите боледувања и рефундации, исплати кон сите приватни здравствени установи и да прекинеме да правиме корекции на пријави и одјави на вработени осигуреници, велат од УПОЗ
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) најавува протест в петок пред Собранието затоа што тогаш, според информациите што ги имаат, пратениците ќе расправаат за предлог-буџетот.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, денеска на прес-конференција рече дека на протестот ќе бидат присутни вработените во судовите и обвинителствата, Државното и Народното правобранителство, а поканети се и сите други синдикати кои се незадоволни.
Од УПОЗ алармираат оти Владата нема да им го исплати предвиденото покачување на платите согласно најавеното зголемување на минималната плата.
„По овие нови информации кои ги добивме, мислам дека политиката, односно планот на Владата е во месец март кога ќе порасне минималната плата, такво усогласување да не добијат никој од вработените во јавен сектор. Во петокот дознавме уште една информација, дека тоа што е напишано во општиот колективен договор, односно на тоа што треба да се премине во 2025 година, а тоа е просечната плата како појдовна плата, да не се регулира со други колективни договори, туку Министерство за финансии инсистира да се направи тоа во закони, што би значело можно изигрување на сите вработени, да се направат закони без учество на синдикати, сами да си ги направат коефициентите на сложеност, што значи дека и тоа што е предвидено во општиот колективен договор да не стапи на сила како што треба од 2025 година“,
рече Деаноски.
На протестот в петок ќе се приклучат и вработените од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), кои најавуваат и штрајк, а доколку не се исполнат нивните барања подготвени се на целосен прекин на работата.
Според УПОЗ, вработените во Фондот за здравствено осигурување во Република Македонија имаат најниски плати од сите органи на државната управа.
Во однос на преговорите, Деаноски информира дека тие се водат веќе половина година со раководството на ФЗО за сите вработени да добијат 15 проценти зголемување на плата. Иако им било ветено дека ќе го добијат покачувањето во август годинава, им биле исплатени само 2,5 проценти и им било кажано дека за останатиот дел немаат согласност од Министерството за финансии.
„Доколку вработените не добијат усогласување на платите, подготвени сме, кога на политичките партии и државата наамногу ќе им биде потребно, да прекинеме со обработка на податоци за Државна изборна комисија, да прекинеме со исплата кон сите јавни здравствени установи, да прекинеме прием и исплати на сите боледувања и рефундации, исплати кон сите приватни здравствени установи и да прекинеме да правиме корекции на пријави и одјави на вработени осигуреници“,
велат од УПОЗ.