Како што вели Давитковски, законот е направен да биде либерален, но ако државата сега не го спречи овој тренд на регистрирање клубови со контроверзни историски имиња, тоа ќе се смета за преседан и таквите регистрации ќе продолжат во недоглед
Како држава мора да покажеме заби и дигнитет. Мора да се почитуваат законите и уписот на регистри кои имаат имиња и програми кои ги иритираат граѓаните мора да се поништат, вели универзитетскиот професор Борче Давитковски и еден од коавторите на актуелниот Закон за здруженија и фондации во „Студио 10“ на ТВ 24, а по повод отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ минатиот петок во Охрид.

Според Давитковски, надлежните кои ги одобруваат ваквите здруженијата, пред сè, мора да ги проверат името и програмата.
„Во насока на актуелните отворања на нови здруженија, како држава мора да покажеме заби и дигнитет. Мора да се почитуваат нашите закони. Уписот во регистарот на здруженија кои имаат имиња и програми кои ги иритираат граѓаните мора да се поништи. Оние што ги одобруваат овие работи пред сè мора да ги проверат името и програмата. Ако не реагира државата, има како печурки секаде да изникнат. Морам да напоменам дека сами се ставаме во непријатни ситуации. Доколку некој смета дека е ускратен да отвори организација со провокативни натписи, слободно нека се обрати во Стразбур“,
вели Давитковски.
Според него, уште референтот во филијалата на Централниот регистар во Охрид не смеел да дозволи упис на здружението.
„По право на надзор, може да се бара поништување на регистрација, а тие имаат право на жалба кое може да дојде до Управниот суд и таму да се повикаат вештаци кои треба да дадат свое мислење за тоа кој бил цар Борис Трети. Но уште тие на шалтерот на Централен регистар во Охрид референтот требало да ги пролиста програмата, статутот и името и да не изврши упис“,
рече професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Како што вели Давитковски, Законот е направен да биде либерален, но ако државата сега не го спречи овој тренд на регистрирање на клубови со контроверзни историски имиња тоа ќе се смета за преседан и таквите регистрации ќе продолжат во недоглед.
„Треба минимум пет основачи, од кои тројца државјани на Македонија, да формираат органи, статут и програма за работа. Тие документи со потпишаните основачи се носат во Централниот регистар, кој ги гледа тие факти, треба да се види програмата, што значи тоа здружение и кои му се целите и задачите во статутот“,
објаснува Давитковски.
Министерството за правда во петокот, на денот на отворањето на клубот „Цар Борис Трети во Охрид, соопшти дека е формирана работна група за изготвување нов закон за здруженија и фондации, со кој ќе се доуредат условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение.
Оттаму информираа дека законот ќе биде објавен на ЕНЕР до крајот на овој месец.
Истовремено со најавите на Правда, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието достави нивен предлог за измени на Законот за здруженија и фондации.
„Поднесовме предлог-закон за изменување на Законот здруженија и фондации и очекувам дека ќе добиеме поддршка од власта“,
изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во седиштето на партијата.
Во меѓувреме, додека да биде подготвени и донесени измените на законот, за да се спречат и превенираат одредени состојби, формирано е советодавно тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение.
Улогата на ова тело ќе биде советодавна, односно ќе дава мислење за карактерот на историските личности, начинот на кој ќе се формираат здруженијата со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи. Советодавното тело за својата работа до Владата ќе треба да достави годишен извештај, најдоцна до првата половина на месец март во тековната година за претходната година, заради нејзино информирање.
Конститутивната седница на советодавното тело се одржа во средата, неделава во Владата.
Отворањето на клубот кој го носи името на контроверзниот бугарски монарх, сојузник на Хитлер за време на Втората светска војна го оценија како провокација која никому не му носи добро.
Премиерот Ковачевски во тој контекст рече оти сметам дека имаме премногу либерално законодавство во однос на формирање на граѓански организации и здруженија и уште пред извесен период Министерството за правда добило задача да направи нов закон за граѓански здруженија и организации.
„Тие тоа го работат, но ги повикувам сите пратенички групи и еврејската заедница да земат учество бидејќи во тој најцрн период во европската историја, ако некој бил жртва тогаш тоа било еврејската заедница која од респектирана заедница денеска е сведена само на оние кои успеале да преживеат или нивните потомци“,
изјави викендов премиерот.