Унгарија отвори Почесен конзулат во Штип, а за почесен конзул е назначена претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска.
На официјалното отворање на конзулатот присуствуваше шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, како и неговиот македонски колега, Бујар Османи и министерот за економија, Крешник Бектеши.
Сијарто одговарајќи на прашање зошто го избрал Штип за градот каде ќе отворат Почесен конзулат, одговори дека препорака дал Османи.
„Унгарија веќе има два конзулата отворени во западниот дел на Република Северна Македонија. И кога го прашав министерот како би можеле тука да направиме една рамнотежа, тој ми го предложи Штип. И сега сме тука во источниот дел од државата на крстопатот на трговските патишта“,
рече Сијарто.
Османи, пак, рече дека отворањето на Почесен конзулат ќе овозможи економски потенцијал за источниот регион, како и шанса за унгарските инвеститори, но и домашните бизниси кои се извозно ориентирани.